Земјите од регионот на Балканот, вкупно 13, Турција, Грција, Бугарија, Романија, Молдавија, Словенија, Србија, Косово, Црна Гора, Македонија, БиХ, Хрватска и Албанија, освоија вкупно 53 медали на Игрите во Токио, најмногу Турција, 13
Три од 13 земји во регионот на Балканот, Албанија, БиХ и Црна Гора, се вратија од Токио без освоен медал, но повеќето од другите десет, особено Турција, Летните олимписки игри (ЛОИ) ќе ги сметаат за успешни. Неколку земји од Балканот ги подобрија олимписките постигнувања и имаа значајни успеси на Игрите, а медалистите беа во фокусот на вниманието и главни ликови на националните прослави. Земјите од регионот на Балканот, вкупно 13, Турција, Грција, Бугарија, Романија, Молдавија, Словенија, Србија, Косово, Црна Гора, Македонија, БиХ, Хрватска и Албанија, освоија вкупно 53 медали, се наведува во написот на интернет-порталот „Балкан инсајт“.
Турција освои најмногу медали, 13, два златни, Мете Газоз во стреличарство и Бусеназ Сурмели во бокс, два сребрени и девет бронзени. Турските спортистки освоија пет медали и имаа важна улога во најуспешните ЛОИ за Турција, освојувајќи ги првите медали во бокс и во борење. Турските борачи, спротивно на очекувањата, разочараа, освојувајќи само две бронзи. Женската одбојкарска репрезентација исто така не беше успешна, не го мина ниту четврт-финалето.
Србија исто така имаше успешни ЛОИ, освојувајќи девет медали, што е мало подобрување во однос на осумте од Рио во 2016 година. Три медали беа златни, еден сребрен и пет бронзени. Во тимските спортови, ватерполо-репрезентација го одбрани златото од Рио 2016, а во индивидуалните спортови злато освоија Милица Мандиќ во таеквондо и Јована Прековиќ во карате. Дамир Микец освои сребро во стрелаштво, а таеквондистката Тијана Богдановиќ, стрелецот Миленко Себиќ и борачот Зураб Датунашвили бронзи. Во тимските спортови, бронзен медал освоија машкиот кошаркарски тим (3×3) и женската одбојкарска селекција.
Хрватска беше трета во регионот, со осум медали (три златни, три сребрени и две бронзени), две помалку од Рио. Злато освоија Матеа Јелиќ во таеквондо, браќата Мартин и Валент Синковиќ во веслање и Никола Мектиќ и Мате Павиќ во тениски двојки.
Бугарија ги надмина очекувањата и освои шест медали (три златни, еден сребрен и два бронзени). Бугарите за првпат по Пекинг 2008 освоија злато, а интересен е фактот дека сите медалисти беа жени! Со златни медали се закитија Ивет Горанова во карате, Стојка Крастева во бокс, а женскиот тим за ритмичка гимнастика ја прекина доминацијата на Русија на ова поле и се врати дома со злато. Антоанета Костадинова освои сребро во стрелаштво, а Тајбе Јусеин и Евелина Николова бронзи во борење.
Словенија е следна на регионалната табла со пет медали (три златни, еден сребрен и еден бронзен). Велосипедистите Примож Роглиќ и Тадеј Погачар не разочараа. Роглиќ освои злато во хронометар, а Погачар бронза на друмската трка. Словенците беа воодушевени, оти кошаркарите за првпат се пласираа на ЛОИ, но тие во полуфиналето загубија од Франција, а во натпреварот за третото место беа поразени од Австралија и, како четврти, останаа без медал.
Грција освои четири медали во Токио. Злато освоија веслачот Стефанос Нтускос и атлетичарот Милтијадис Тентоглу, во скок во далечина. Машката ватерполо-репрезентација освои сребро, а Елефтериос Петронијас бронза во гимнастика. Откако кревачот на тегови Теодорос Јаковидис не успеа да се пласира во финалето, се расплака и објави дека се пензионира поради финансиски причини, проблем со кој се соочуваат многу спортисти во Грција.
Четири медали освои Романија, еден златен и три сребрени. Николета Боднар и Симона Радис освоија злато во веслање, а Ана-Марија Попеску сребро во мечување. Веслачите Мариус Козмиук и Кипријан Тудоса се закитија со сребро во двојки, а Михаита Тиганеску, Мугурел Семчиук, Стефан Берариу и Космин Паскари со сребро во четворосед. Романците можеби ќе беа поуспешни доколку гимнастичарката Лариса Јордаче не беше принудена да се повлече поради здравствени проблеми.
Косово на вторите ЛОИ имаше 11 спортисти, кои освоија две злата, џудистките Нора Ѓакова и Дистриа Красниќи.
Косово со најголеми награди за медалистите
Секој спортист што освојува медал на Летните олимписки игри (ЛОИ) добива парична награда од државата, која значително се разликува во земјите од регионот. Косово најмногу ги награди своите најдобри спортисти, за злато со 100.000, за сребро со 60.000 и за бронза со 40.000 евра. Тренерите на златните олимпијки, џудистките, ќе добијат по 50.000 евра. Златните олимпијки ќе добиваат и постојана финансиска поддршка по навршените 45 години. Албанија за златните олимпијци има одредено награда од 82.000, за сребрените 57.450 и за бронзените 41.000 евра.
Србија ги зголеми еднократните државни награди за олимписките победници. За злато се добива 70.000, за сребро 60.000, а за бронза 50.000 евра. Словенечкиот велосипедист Примож Роглиќ, кој освои злато на хронометарот, ќе добие 40.000 евра од државата. Среброто вреди 17.500, а бронзата 15.000 евра. Црна Гора за своите спортисти одреди награди од 35.000 евра за златен медал, 30.000 евра за сребрен и 25.000 евра за бронзен. Хрватска ги наградува златните олимпијци со 27.600, сребрените со 17.300, а бронзените со по 12.200 евра.
Тренерот добива 22.600 за злато, 12.200 за сребро и 9.500 евра за бронза. Македонија одлуките за премија на успешните спортисти ги донесува ад хок и го нема регулирано наградувањето. Владата на тој начин го награди Дејан Георгиевски со 30.000 евра за сребрениот медал во таеквондо, а уште 10.000 евра тој доби од Македонскиот олимписки комитет (МОК) и од Град Скопје. БиХ треба да свика специјална свечена седница на ИК на Олимпискиот комитет на БиХ за да донесе одлука за соодветната награда.
Што се однесува до светот, најдарежлив во наградувањето на олимпијците е Сингапур. Според податоците на порталот „Свим свам“, освојувачите на медали во таа земја добиваат 624.960 евра за злато, 312.480 за сребро и 156.240 за бронза. Слично е и во Индонезија, 626.640, 317.520 и 157.920 евра. Хонгконг им дава по 540.960 евра на своите златни олимпијци, 270.480 евра за сребро и 135.240 евра за бронза. Италија ги наградува со по 178.416 евра освојувачите на злато, а Унгарија со по 141.000. Во САД за злато се добива 31.500 евра, во Германија 18.480, во Австралија 12.684 евра итн.