ШФМ веќе прати допис до Владата, се обидуваме да најдеме некои информации под кои мерки ние шахистите влегуваме тука, оти има многу толкувања, но во глобала тие се однесуваат на публиката, а не на самите играчи. Јас, сепак, сум оптимистка дека овие мерки нема да ни попречат за домашните екипни првенства, вели претседателката на ШФМ, Александра Гакидова
ШАХ – ПО НОВИТЕ МЕРКИ ПРОТИВ КОВИД-19
Владата на Македонија неодамна донесе одлука од 16 август целосно да забрани работа и организација на секаков вид настани на затворено во сите угостителски објекти (и во кафетерии), вклучувајќи и прослави во угостителски објекти регистрирани за прослави или друг тип објекти од затворен тип. Од 16 август исто така се воведува задолжителна потврда за извршена имунизација, најмалку прва доза, за лица над 18 години. Дали ова ќе го загрози одржувањето на екипното машко и женско првенство, кои треба да почнат на 15., односно 25. месецов во Струга, во организација на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), како и преостанатите помали турнири, со оглед на фактот што не можат сите шахисти за овој краток период да се вакцинираат, згора и да се вакцинираат, тоа нема да има никаков ефект, оти антитела се создаваат дури по неколку недели, па и месеци.
– Сметам дека треба да ги разгледаме поинаку овие мерки. Можеби Владата сѐ уште не беше многу децидна и набрзина ги донесе овие одлуки, сигурно уплашена од тоа што се случува. На шаховските турнири се игра без публика, со учество само на шахисти, секако притоа придржувајќи се до сите потребни протоколи, како што се носење маски, држење растојание, мерење температура… Затоа мислам дека не би требало да бидеме затекнати од мерките што ги донесе Владата неодамна. ШФМ веќе прати допис до Владата, се обидуваме да најдеме некои информации под кои мерки ние шахистите влегуваме тука, оти има многу толкувања, но во глобала тие се однесуваат на публиката, а не на самите играчи. Исто така шахистите во голем дел се вакцинирани. Јас, сепак, сум оптимистка дека овие мерки нема да ни попречат за домашните екипни првенства. Тие се планирани да се играат во двете најголеми отворени сали во хотелот „Дрим“ во Струга, со помалку од 30 учесници.
Турнирите не се во угостителски објект, сите учесници се сместени во ист хотел и сите ги користиме нивните услови. Годинава ги одржавме младинските првенства, Втората машка и женска лига, „Македонија опен“ и сѐ беше регуларно, како и турнирите лани, кога имаше многу повеќе заболени од ковид-19. Другите помали турнири не се во надлежност на ШФМ и за нив одговараат самите организатори на истите тие – вели претседателката на ШФМ, Александра Гакидова.
Како што е познато, во септември во Охрид треба да се одржи и Европскиот клупски куп (ЕКК), кој е од меѓународен карактер.
– За ЕКК, ШФМ веќе иницираше да има состанок за да видиме како тоа ќе го организираме и работиме, оти тоа е серозен и голем настан со шахисти од целиот свет. За ноември е планиран и аматерскиот турнир „Блаже Конески“, но за тоа, потоа. Верувам дека и ЕКК ќе го одржиме годинава. Во секој случај, ќе се приспособуваме на актуелната ситуацијата. Подготвени сме да правиме тестови, иницирано е од наша страна да се видиме со лица од Министерството за здравство и да ни кажат што сѐ треба да се направи уште од сега за септември, оти тука не треба да кикснеме. А ако треба да се одложи ЕКК, треба да се знае порано, а не неколку дена пред почетокот – смета Гакидова.
Со сличен став е и секретарот на УО на ШФМ, Тони Кироски.
– Ако нема некои посебни мерки што би ни ги наложило Министерството за здравство, ШФМ во принцип сака да ги организира претстојните две екипни првенства со сите предвидени протоколи. Па, дури не се исклучува опцијата партиите да се играат и под отворено небо, на терасата од хотелот „Дрим“. Имаме две огромни сали со по 300 квадратни метри на кои би имало по 12 маси, што е сосема комотно за играње – појаснува Кироски.
Панчевски: Мерките треба да го одминат шахот
Во принцип сметам дека донесените мерки не треба да се однесуваат на шаховските турнири и на шахистите. Ние треба да играме нормално, без присуство на публика, со маски, да држиме растојание, а и сместени сме во ист хотел, вели интернационалниот мајстор, член на ШК Алкалоид и репрезентативец (ИМ) Филип Панчевски.