ПРИЛЕП
Четирите социјално загрозени семејства што со години живеат во т.н. „бугарски“ бараки во прилепската населба Варош, во претпладневните часови останаа без покрив над главата. Градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски, заедно со претседателот на урбаната заедница Дарко Филипоски, ги посети семејствата и најави помош.
Бев известен од претседателот на урбаната заедница Варош дека во бараките во населбата Варош има пожар. Веднаш се упативме на самото место, а во меѓувреме територијалната противпожарна единица веќе ја имаше завршено работата докрај. Станува збор за единаесет члена од четирите бараки, од кои двајца инвалиди и три малолетни деца, од кои едното дете има седум месеци, другото две и пол години, а третото има дванаесет години. За среќа, нема повредени. Во овој момент сакаме да им излеземе во пресрет на семејствата и привремено да ги сместиме во некоја институција во нашиот град, на што и работиме, и мислам дека тоа е првично нешто што можеме да го направиме. Понатаму ќе следува и секаква друга помош од општината, финансиска и секоја друга логистика што им треба на семејствата – истакна градоначалникот Јованоски.
Од Општината информираат дека речиси два часа над десет пожарникари со неколку возила го гаселе пожарот. Социјалните бараки се стари повеќе од 20 години, а ова не е прв пожар таму. Претседателот на урбаната заедница Варош, Дарко Филипоски, истакна дека во соработка со локалната самоуправа колку што можат помагаат за да се среди овој дел од населбата.