Споредбата на трендот на извозот и увозот со тие од минатата година е нереална токму поради пандемијата и депримираните економски активности, објаснуваат експертите
Надворешните трговски ризици за Македонија се зголемуваат со новиот бран на ковид-19. И покрај тоа што и извозот и увозот растат и се зголемени во однос на 2020 година, сепак се наметнуваат прашањата колкави ќе бидат ризиците и последиците и дали евентуално можните нови рестрикции во иднина низ државите во ЕУ, но и во Македонија, може да влијаат негативно врз економијата, дали може да се очекува пад на извозот и побарувачката.
Во првите шест месеци од годинава, од земјава се извезени стоки во вредност од 3,4 милијарди евра, што е за 39,1 отсто повеќе во споредба со истиот период лани. Увозот, пак, изнесува 4,64 милијарди евра, што е за 38,7 отсто повеќе во однос на првите шест месеци од минатата година. Според податоци на Државниот завод за статистика, трговскиот дефицит во првите шест месеци од годинава изнесува 1,232 милијарда евра, а покриеноста на увозот со извоз е 73,4 отсто. Земјава во првите шест месеци од годинава најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и со Кина.
Според Абдулменаф Беџети, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа, очекуваните влошувања поврзани со идните бранови на пандемијата, кои се очигледни, веројатно ќе имаат одреден израз врз намалување на целокупните економски активности.
– Но сметам дека имајќи го предвид интензитетот на вакцинацијата, како и нискиот очекуван ризик на смртност поради вакцинацијата, особено во земјите на ЕУ, каде што ние сме со над две третини од вкупната трговска размена, не верувам дека би се повториле негативните трендови како минатата година. Сепак, целосната нормализација се очекува дури идната година – објаснува Беџети.
Тој смета дека споредбата на трендот со минатогодишната е нереална токму поради пандемијата и депримираните економски активности, освен потрошувачката на прехранбени и хигиенски производи.
– Споредбата треба да се направи со истиот период од 2019 година. Иако трендот е позитивен и со таа споредба, сепак треба да се анализира и трендот на увозот. Кај трговската размена е многу важна компонентата, нето-ефектите (нето-извоз или увоз), потоа покриеноста на увозот со извоз, што во нашиот случај сѐ уште е дефицитарно, за на крајот да се анализира и структурата, т.е. квалитетот на надворешниот сектор, како секторската структура, асортимантската структура, влезните домашни компоненти т.е. новата вредност на извозот и слично. Овие се квалитетните аспекти на анализа на надворешен сектор. Само износите на трендови некојпат не покажуваат доволно за состојбите – посочува Беџети.
Според Ангел Димитров, претседател на собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, сѐ уште присутните последици од ковид-19 врз економијата, како и појавата на четвртиот бран, може да влијаат врз нашата економија.
– Иако последниве месеци бројот на заразени е опаднат и ситуацијата се смета за „стабилна“, сепак пандемијата остави долгорочни негативни последици врз економиите. Сведоци сме дека многу стоки и услуги или се недостапни или имаат значајно зголемување на цените. Сето ова негативно влијае на производството и на услугите. Ако на ова се додадат сѐ уште присутната неизвесност од нови врвови на пандемијата и песимизмот кај купувачите, тогаш мора да ни биде јасно дека проблемите со пандемијата во економијата можеби ќе потраат и во 2022 година – смета Димитров.
Тој вели дека негативните движења во земјите со кои најмногу тргува Македонија негативно ќе се одразат врз македонскиот извоз во тие земји, а тоа истовремено ќе доведе до пад на производството и бројот на работните места.
– Затоа мораме будно да ја следиме ситуацијата и навреме да преземаме мерки за ублажување на последиците. Добро би било во овој момент да покажат раст одредени дејности што немаат пад на производството и услугите предизвикани од ковид-19 и да прифатат дел од работниците што поради пандемијата останаа без своите работни места. Исто така, Владата мора будно да ја следи ситуацијата и да преземе одредени мерки за намалување на негативните тенденции по нашата економија – објаснува Димитров.