И покрај проблемите со играчкиот кадар, верувам дека на крајот ќе ја оствариме посакуваната цел, вели селекторот на македонската репрезентација, Бајиќ

КОШАРКА

Без разлика што ги немаме стандардните првотимци, сите со кои работев изминатиот период го дадоа максимумот. Во репрезентацијата владее добра атмосфера, имаме самодоверба и не се плашиме од никого. Прв противник ни е добро познатата Швајцарија. И покрај проблемите со играчкиот кадар, верувам дека на крајот ќе ја оствариме посакуваната цел, изјави селекторот на македонската машка кошаркарска репрезентација, Драган Бајиќ, во пресрет на претквалификацискиот турнир за пласман на Светското првенство (СП) во 2023 година.
Селекторот посебно се осврна на играчкиот кадар со кој ќе располага, како и на оние кошаркари што не можеа да одговорат на неговиот повик.
– Задоволен сум и за пофалба е работата на сите играчи во овие подготовки, нивната дисциплина и залагање на тренинзите. Благодарност до Црногорците, кои прифатија да дојдат во Скопје (Македонија забележа пораз и победа н.з.). Ривалите во овие претквалификации одигра по 5-6 дуели, но без разлика на тоа, ние подготвени ги очекуваме претквалификациите – вели Бајиќ.
Тој посебно нагласи дека има кошаркари што се повредени, кај некои постои замор, но има и такви што тој како селектор, сепак, не ги разбира.

– Не планирам да барам алиби и покрај тоа што не можеме да сметаме на неколку значајни играчи. Андреј Јакимовски имаше операција на препоните и неговата рехабилитација трае шест-седум недели, Војдан Стојановски е повреден, не игра повеќе месеци, Дамјан Стојановски имаше приватни причини, Дарко Соколов смета дека можеби неговото време во репрезентацијата поминало. Кирил Николовски, Љубомир Младеновски и Стојан Ѓуроски се повредени. Со Ненад Димитријевиќ контактирав, но подоцна имав повик од неговиот менаџер, кој побара Ненад да се појави на 28 јули. Подоцна бев известен од нашата федерација дека Димитријевиќ нема да се појави на тренинзите. Несфатливо ми е некој со 23 години да бара одмор, а Бојан Трајковски (36) да доаѓа на секој тренинг – изјави Бајиќ.
Како што е познато, Македонија во овие претквалификации за СП е во групата Ф, заедно со Швајцарија и со Словачка, а само првопласираните две селекции ќе бидат дел од главните квалификации. На 12 и 16 август, Македонија ќе игра со Швајцарија, а на 14 и на 18 август со Словачка, на турнирот што ќе се одржи во Скопје.