Се стравува дека во големиот пожар, кој избувна во неделата попладне и го уништи 200 години стариот Национален музеј на Рио де Жанеиро, изгоре поголем дел и од националното богатство на Бразил. Музејот, кој е дел од Федералниот универзитет во истиот град, во својата колекција имаше и над 20 илјади вредни предмети со потекло од Бразил и од други земји како и голема колекција на предмети од кралското семејство.
Причината за пожарот, кој пожарникарите завчера не можеле да го држат под контрола, и во текот на вчерашниот ден не беше позната, а немаше ни информации за настрадани лица. Како што пренесе Би-би-си, пожарникарите очајнички се обидувале да го спасат историското и културно богатство од зградата во пламен.
– Уништувањето на зградата и на колекциите претставува непроценлива загуба за Бразил – изјавил во своето обраќање претседателот Мајк Темер, додавајќи дека се изгубени „двесте години работа, истражување и знаење“. Директорот, пак, на Националниот музеј, за бразилската телевизија, последиците од пожарот ги нарекол „културна трагедија“.
Музејот, кој е еден од најстарите во државата, е основан во 1818 година и во него се наоѓаа неколку значајни колекции, вклучувајќи ја египетската колекција, грчко-римските артефакти, палеонтолошката колекција во која се наоѓа и скелет на диносаурус пронајден во регионот Минас Гераис како и најстариот човечки фосил пронајден во Бразил. Се смета дека пожарот најверојатно уништи огромен број артефакти, од археолошки наоди до историски споменици.