Пожарите беснеат низ Европа и Северна Америка додека високите температури и сувите услови ги разгоруваат. Комбинацијата на екстремната жештина и долгорочната суша во повеќе региони доведоа до најстрашните пожари во изминатата деценија, пишува „Гардијан“.
Научниците од Меѓународниот панел за климатски промени (ИПЦЦ) денеска треба да објават извештај за климатската криза. Тие предупредуваат дека глобалното зголемување на температурите поради емисиите на стакленички гасови го зголемуваат ризикот од пожари ширум планетата.
Британскиот весник направи преглед на местата ширум светот кои се најтешко погодени од пожарите. Делови од Европа се погодени од екстремни топлотни бранови, а американската сојузна држава Калифорнија исто така се соочува со најголемите пожари во нејзината историја, додека повеќе од 100 пожари се активни низ САД.
Во Европа, моментно најсериозна е ситуацијата во Грција каде што пожарите беснеат речиси две недели при што десет лица ги загубија животите.
Огнот претставува закана за големи делови од јужна Италија, додека Сицилија и Сардинија се меѓу најтешко погодените региони.
Властите во Сибир, Русија, евакуираа повеќе села, додека горат 155 пожари.
Пожарите горат и низ Британска Колумбија во Канада, наспроти дождот од изминатиот викенд. Локалните медиуми известија за 279 пожари во канадската провинција што резултираше со тревога за евакуација која опфати десетици илјади жители.