Карабатиќ, Абало и Гигу во историјата на ЛОИ

Француските ракометари Никола Карабатиќ, Мишел Гигу и Лук Абало ќе влезат во историјата на Олимписките игри (ОИ) како први ракометари што освоиле медал на четири ОИ во низа. Четири олимписки медали има и легендарниот руски голман Андреј Лавров, но не во низа. Тој освои злато во 1988, 1992 и 2000 година и бронза во 2004-та.
Со победата над Египет во полуфиналето (27-23), Франција се избори за четврто финале во низа на ракометен турнир во Токио, а со тоа и за реванш против Данска, која, пак, славеше во финалето на ОИ во Рио во 2016 година. Французите се најтрофејната ракометна селекција на ОИ, со четири медали, од кои два златни (Пекинг 2008 и Лондон 2012), сребро (Рио 2016) и бронза од Барселона во 1992 година. Та.Д.


РАКОМЕТ
Kадетките ја почнуваат трката за пласман во дивизија А

Селекторот Љубомир Савевски го состави тимот со кој Македонија ќе настапи на женскиот кадетски шампионатот на Европската ракометна федерација (ЕХФ) од дивизија Б (за ракометарки до 17 години), кој од денес до 15 август ќе се одржува во Клаипеда, Литванија.
Македонските кадетки ќе имаат тешка задача во борбата за една од првите две позиции во групата А, кои носат место во полуфиналето. По разигрувањата од двете групи, победникот обезбедува пласман во повисок ранг на натпреварување, односно во дивизија А.
Противници на Македонија во групата А ќе ѝ бидат Шпанија, Литванија, Финска и Косово, кое, пак, ќе им биде прв противник на македонските кадетки.
Македонија, состав: Марија Јовановска (Куманово), Ема Кирова (Аеродром), Матеја Чурлиноска, Адела Еленин, Сара Богојеска (Деспина), Јана Равојска, Магдалена Тошевска, Бојана Коцева, Борјана Коцева, Мила Пешиќ, Александра Коловска (Вардар), Ива Младеновска, Нена Несторовска (Металург), Теодора Дукоска (Стружанка), Деника Спасевска (Делчево Вардар), Марија Јанкуловска (Пелистер), Емилијана Ризоска (Феникс АМС). Та.Д.


ФУДБАЛ
Грилиш во Сити за рекордни 100 милиони фунти

Манчестер сити го ангажира играчот за врска на Астон Вила, Џек Грилиш, за рекордни, за домашен фудбалер, 100 милиони фунти (117,7 милиони евра), колку што изнесуваше клаузулата во договорот. Грилиш (25) потпиша шестгодишен договор со шампионот на Премиер-лигата и ќе го носи дресот со број 10, до неодамна на Серхио Агуеро. Трансферот го надминува оној на Манчестер јунајтед, кој за Пол Погба на Јувентус во 2016 година му плати 89 милиони фунти (104,7 милиони евра).
– Сити е најдобриот тим во земјата, со менаџер што се смета за најдобар во светот. Остварување на сонот е да се биде дел од овој клуб – изјави Грилиш, кого овој трансфер го прави деветтиот најскап фудбалер во историјата.
Со ангажирањето на Грилиш, Пеп Гвардиола ќе има на располагање дури девет офанзивни играчи за врска и напаѓачи. Тоа се Рахим Стерлинг, Фил Фоден, Ријад Марез, Кевин де Брујне, Илкај Гундоган, Бернардо Силва и Феран Торес. Грилиш би можел да дебитира за тимот на Пеп Гвардиола на денешниот натпревар во „Комјунити шилд“ против Лестер на „Вембли“, меѓу шампионот и освојувачот на ФА-купот. Л.Д.