Двајца новинари на агенцијата Ројтерс се осудени на седум години затвор од страна на суд во Мјанмар.
Новинарите Ва Лон и Куав Сое О се изјаснија за невини по обвиненијата за кршење на Законот за државна тајна. Максималната казна, која им се закануваше, беше 14 години затвор.
Двајцата новинари известуваа за минатогодишната брутална операција на Армијата на Мјанмар против Рохинџите во западниот дел на Ракајн. Според обвинението, новинарите добиле и дистрибуирале доверливи документи.
Двајцата новинари рекоа на суд дека двајца полициски претставници им ги дале доверливите документи во ресторан во Јангон. Минута подоцна други полицајци ги уапсиле на 12 декември минатата година.
Пресудата беше изречена пред преполна судница со новинари и дипломати.
ОН повикаa за ослободување на двајца новинари на агенцијата Ројтерс осудени во Мјанмар на седум години затвор под обвинение за кршење на законот за државна тајна.
– Ние продолжуваме да повикуваме на нивно ослободување, рече Кнут Осбај, претставник на ОН во Мјанмар.
Американскиот амбасадор во таа држава, Скот Марсил ги оквалификува казните на двајцата новинари како „тажен факт за осудените и за сите во Мјанмар кои работат напорно за промовирање на основните слободи, вклучувајќи ја и слободата на медиумите“.
Во соопштение, агенцијата Ројтерс ја осуди пресудата и рече дека обвинувањата против двајцата новинари биле целосно фабрикувани.
– Тие двајца извонредни новинари поминаа девет месеци во затвор поради целосно фабрикувани обвиненија кои имаа за цел да ги замолчат и да им се заканат на медиумите, се вели во соопштението.
И главниот уредник Стивен Адлер ја оквалификува пресудата како „тажен ден за Мјанмар, за осудените новинари и медиумите низ целиот свет”.
Тој рече дека пресудата за новинарите е голема пречка во преодот кон демократија во Мјанмар, и тоа нема никаква врска со владеењето на правото или слободата на говорот. Главниот уредник додаде дека во деновите што следуваат, агенцијата ќе одлучи како да дејствува против неправдата што е извршена врз двајцата новинари.