Мразот е скршен и ветувам дека на следните големи европски и светски натпреварувања, како и на олимписките игри, ќе имаме повеќе претставници со А-норма во таеквондо, оти ќе освојуваме медали и повторно ќе ја израдуваме Македонија, рече Георгиевски на величествениот пречек на скопскиот плоштад „Македонија“, по големиот успех, сребрениот медал на ЛОИ 2020

ВЕЛИЧЕСТВЕН ПРЕЧЕК НА СРЕБРЕНИОТ ОЛИМПИЕЦ

Македонија деновиве е во знакот на таеквондото, го слави големиот успех на Дејан Георгиевски, кој освои сребрен медал на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио, втор за самостојна Македонија, по бронзата на борачот Могамед Ибрагимов во Сиднеј во 2000 година. Откако се врати од Токио во Скопје, на Георгиевски и на неговите тренери им беше приреден величествен пречек, прво на аеродромот во Скопје, потоа и на скопскиот плоштад „Македонија“, каде што многубројните љубители на спортот дојдоа да ги поздрават и да им го честитаат големиот успех.
Славењето почна со интонирањето на македонската химна, со развеани македонски знамиња, со запалени факли и со громогласни аплаузи за новиот македонски спортски херој. Сцените потсетија на некои поранешни спортски прослави, пред сѐ на успехот на кошаркарите што на Европското првенство (ЕП) во 2011 година во Литванија го освоија четвртото место, на ракометарите, кои на ЕП 2012 во Србија беа петти…
– Ви благодарам на сите што дојдовте во вака голем број и за поддршката што ми ја дававте. Поздрав до сите Македонци, поздрав до победничка Македонија, до моите тренери, Дарко Костовски, кој ми ја давеше потребната енергија, и Борче Костовски, кој е доктор за луѓе, но и за таеквондо. Тој ја прави стратегијата и никогаш не погрешил. Тие се најголемите „виновници“ за големиот успех, за освоениот сребрен олимписки медал.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Благодарност и до моите најблиски, до родителите, до мојот брат Коки и до сестрата Анамарија, на моите другари од клубот, кои секогаш беа со мене. Ветивме дека ќе освоиме златен медал, за жал не успеавме, но ветувањето дека ќе освоиме медал го исполнивме. Мразот е скршен и ветувам дека на следните големи европски и светски натпреварувања, како и на олимписките игри, ќе имаме повеќе претставници со А-норма во таеквондо, оти ќе освојуваме медали и повторно ќе ја израдуваме Македонија – ги поздрави присутните Георгиевски.
Еден од тренерите на Георгиевски, Дарко Костовски, вети уште поголеми успеси и медали од следните големи натпреварувања.
– Ветувањето го исполнивме, од Токио се враќаме со медал, но не застануваме тука. Ветувам, тука пред вас, пред македонската јавност, дека на следните Олимписки игри во Париз во 2024 година ќе освоиме најмалку еден златен медал. Покрај Дејан Георгиевски, кој е „суво злато“, имаме уште неколкумина врвни таеквондисти, кои веќе го покажаа својот квалитет на големите натпреварувања. Тука е Анамарија Георгиевска, сестрата на Дејан, која има освоено трето место на јуниорско Светско првенство, па неговиот брат Коки Георгиевски, капитенот на нашиот клуб, кој е балкански првак, потоа Филип Додевски, спаринг-партнерот на Дејан, кој поради повреда не настапи во Токио, и други што се кадарни за големи дела – беше пораката на Дарко Костовски.


БОРЧЕ КОСТОВСКИ

„Ова е само почеток“

Тешко се опишува сево ова со зборови. Ова што ни се случува сега го мечтаевме и го сонувавме долго време, можеби дваесетина години. И ете, на 27 јули во Токио, Дејан тој сон го претвори во јаве. Мојата порака до сите општественици во оваа убава земја Македонија е: „Чувајте го Дејан како капка вода на дланка“. Мислам дека ова е само почеток на нови, уште поголеми успеси на македонското таеквондо, вели Борче Костовски, тренер на Дејан Георгиевски.
На прашањето како бие срцето за време на борбата кога знае дека тој и неговиот пулен чекорат кон победа, одговорот на Костовски беше дека „срцето бие во ритамот на борбата, во македонски ритам. Тој се бори, реагира, а јас навигирам, командувам“.