Легендарните уметници и по својата смрт имаат влијание на општеството и нивните дела упорно му пркосат на времето. Животот на најголемите имиња често е проследен со драстични подеми и падови, со љубовни приказни и со лични драми, поради што уметноста со која се занимавале растела. Да се изгубите во нивните животни приказни е вистинско задоволство, преку гледањето на биографските филмови, кои отсекогаш биле многу популарни. И додека на некои дела понекогаш им се забележува недостиг од детали, често добиваат пофалби за естетскиот израз – како што е случај со филмуваната биографија на Марија Антоанета.
Во продолжение се неколку филмови за уметници, музичари, автори, но и други личности што го обликувале светот во кој живееме денес.

„Фрида“

Ликовната уметница Фрида Кало е непресушен извор на инспирација за голем број уметнички дела, идеи, па и филмови. Да се отслика ексцентричниот, разигран и драматичен живот на оваа сликарка, а истовремено да се објасни исклучителната тага со која живеела, е комплексна задача. Најпозната е филмската биографија во која мексиканската уметница во филмот „Фрида“ ја оживува Селма Хаек. За неа, како што вели, тоа е најдрага улога. Наедно, таа е и продуцентка на филмот, во кој се прикажани триесетина години од нејзиниот живот – од детството, преку трагичната несреќа, со односот со сликарот Диего Ривера. Во 2003 година филмот бил номиниран за пет „оскари“, меѓу кои и за главна женска улога.
„Капоте“

Труман Капоте најдобрите свои дела ги напишал во средината на минатиот век, а меѓу насловите познати кај пошироката публика, секако, е „Појадок кај Тифани“, чија филмска адаптација и денес важи за класик. Но Капоте отсекогаш важел за контроверзна личност во современата литература. Иако љубовниот роман го вивнал меѓу највлијателните автори на неговото време, делото што му го дефинирало животот е „Ладнокрвност“. Токму филмот „Капоте“ ја следи заднината на создавањето на оваа приказна за вистинското ладнокрвно убиство на едно американско семејство. Труман Капоте, целосно обземен од трагичната вест што ја прочитал во весник, одлучил да ја документира семејната трагедија, што ќе остави трага и на него. Фил Сејмур Хофман за улогата на Капоте освои „оскар“.

„Живот во розово“

Едит Пјаф е едно од најважните имиња на француската култура, таа е позната пејачка, глумица и авторка. Позната е по својот специфичен глас и прекрасните балади, но животот ѝ бил исполнет со трагедии. Сепак, Пјаф и денес не ја остава рамнодушна публиката што ја слуша. Нејзината позната балада „La Vie En Rose“ (Живото во розово) стана песна по која ја паметеа, но и наслов на славниот биографски филм, во кој нејзиниот лик го одглуми фантастичната Марион Котијар. За оваа улога таа освои „оскар“, а филмот доби многу пофалби поради естетскиот впечаток.

„Реј“

Џејми Фокс сме го гледале во најразлични улоги, некои полоши, некои средни, но глумецот засекогаш се запиша во А-листата на холивудски ѕвезди со генијалната изведба во биографскиот филм „Реј“. Снимен е во 2004 година и верно го следи животот на славниот музичар. Филмот собра многу награди и признанија: од „златен глобус“, преку наградата БАФТА, а Џејми Фокс доби „оскар“ за најдобра машка улога таа година.

„Момче од никаде“

Филмот „Момче од никаде“ се појави во 2009 година. Оваа биографска драма го следи животот на Џон Ленон, односно неговата младост, односот со семејството и неговиот прв бенд, а потоа и трансформацијата во водечка личност на славната група „Битлси“. Филмот уверливо ги прикажува младоста на славната музичка легенда и емоциите што го следеле поради односот со мајка му, која починала во 1958 година во автомобилска несреќа. Биографскиот филм не беше номиниран за „оскар“ иако доби грст пофалби од филмските критичари.

„Џуди“

Филмската биографија „Џуди“ постигна голем успех и ја раздвижи кариерата на Рене Зелвегер, која фантастично се снајде во главната улога. Во фокусот на филмот е кариерата на Џуди Гарланд во последните години од нејзиниот живот. Преку низа навраќања ќе се запознаеме и со нејзината младост, особено периодот кога го снимала филмот „Волшебникот од Оз“, како девојчето Дороти Гејл, улога што ѝ донесе огромна популарност во Холивуд. Иако повеќе од 40 години била интернационална ѕвезда, Гарланд приватно била нервно растроена и славата што ја доживеала од рана возраст, засекогаш му наштетила на нејзиното ментално здравје. Алкохолот, уништените семејни односи и менталните проблеми ја донеле до работ на пропаста на само 47 години, колку што имала кога се предозирала во една хотелска соба и починала. Рене Зелвегер имала многу тешка задача да ги долови наглите животни промени на Џуди, но, судејќи по критиките, тоа го направила брилијантно.