Либискиот премиер Абдул-Хамид Дибејбе изјави вчера дека повеќе нема да има војни во Либија и дека неговата влада ќе му ги обезбеди на Сабха, регион на југот од земјата, сите потребни услуги за ублажување на страдањата на луѓето, пренесуваат локалните медиуми.
Дибејбе вчера посочи дека неговата влада е посветена на обезбедување на Сабха со план за поддршка на безбедносниот апарат за борба против криминалот и тероризмот и обезбедување на изборите закажани на 24 декември.
– Владата ќе издвои 500 милиони динари (180 милиони американски долари) во битката на Министерството за здравство против ковид-19, а вакцините и лековите постепено ќе пристигнуваат во Либија – објасни тој.
Либискиот премиер истакна дека владата на национално единство постигнала значаен напредок во обединувањето на поделените државни институции во земјата и стави акцент на пречките пред обединувањето на армијата.
Во меѓувреме, ЕУ на почетокот од месецот истакна дека работи на планот за воена мисија во Либија со цел полето на воена активност да не биде оставено на трети земји.
– Мировниот процес во Либија бара разоружување, ликвидација и реинтеграција од големи размери на борците, како и реформи во безбедносниот сектор. Ако либиските власти прифатат, може да се добие правото авионите за набљудување на ЕУ да летаат над територијата на земјата – се вели во извештајот на ЕУ од 1 јули.