Експертите укажуваат дека ниските камати на депозитите се резултат на високата ликвидност на банките, кои имаат вишок средства. Од друга страна, можностите што ги имаат граѓаните на располагање за инвестирање на вишокот ликвидни средства се ограничени, а дополнително поради сѐ уште големата неизвесност наметната од пандемијата, граѓаните не се одлучуваат на промени. Растечките износи на депозитите на граѓаните кај банките со ниска каматна стапка создаваат можност банките да ја зголемуваат понудата на „евтини“ кредити за претпријатијата, но и кај нив како да преовладува стравот од неизвесноста што е присутна
КАМАТИТЕ НА ДЕПОЗИТИТЕ НА РЕКОРДНО НИСКО НИВО
Каматните стапки на депозитите што граѓаните ги чуваат во банките во последниве години се во постојан пад, што се должи на олабавувањето на монетарната политика и на намалувањето на каматните стапки и на кредитите. Поради „слободниот“ пад на каматите на депозитите, сѐ поголем број граѓани реагираат дека за средствата што ги оставиле во банка добиле ниска камата, или премногу мала сума поради што се откажале од штедење. Последните податоци на Народната банка покажуваат дека просечната каматна стапка на депозитите не надминува ниту еден процент.
– Просечната каматна стапка на вкупните депозити изнесува 0,85 отсто и оствари пад на месечна и на годишна основа, од 0,05 процентни поени и 0,25 процентни поени – велат од НБ за каматите на кредитите и депозитите.
Упатените велат дека висината на каматите на депозитите во комерцијалните банки варира зависно од временскиот период на кој се орочени средствата, но и од сумата што граѓаните ја депонираат. Сепак, поради ниските камати на депозитите сѐ поголем број граѓани се жалат дека штедењето станува неисплатливо. Ако порано со разни кампањи се поттикнуваше и промовираше штедењето кај различни категории граѓани, па дури и се велеше штеди за да имаш, денес со штедење може да се „заработат“ нула денари. Или фигуративно кажано, за вашиот штеден влог не добивате речиси ништо како камата, па банката практично служи само како чувар на вашите пари.
Жителка на Скопје за „Нова Македонија“ вели дека каматата што ја добила за депонираните средства во една од нашите банки ја натерала да ги повлече парите само по една година.
– За предвремено пензионирање добив испратнина во висина од 20 илјади евра, кои ги ставив во банка, но по една година за нив добив смешна сума на основа на камата, па решив да ги извадам и ги вложивме во стан за кој сѐ уште плаќаме кредити – вели Благица Кузмановска.
На друг наш сограѓанин, кој сакал да вложи околу 5.000 евра во банка, му пресметале месечна камата од околу 10 денари месечно или на годишно ниво за своите 5.000 евра би добил околу 100 денари камата, по што, како што вели, веднаш се откажал од намерата да ги стави парите во банка.
Експертите укажуваат дека ниските камати на депозитите се резултат на високата ликвидност на банките, кои, според нив, имаат вишок средства, па затоа имаат и ниски камати.
– Каматите на депозитите се ниски бидејќи и банките имаат вишоци, ако им требаат средства можат да ги зголемат каматите за да привлечат повеќе заштеди. На граѓаните им останува да ги вложуваат своите средства во други алтернативни форми, како на пример во акции или, пак, во обврзници. Има неколку фирми во Македонија чии акции носат поголема заработка отколку оставањето на парите во банки – вели поранешниот гувернер Љубе Трпески.
Наместо да штедат, граѓаните можат да купуваат акции
Ваквата состојба го наметнува прашањето дали ниските камати на депозитите може да бидат причина граѓаните помалку да штедат и да се одлучуваат да инвестираат преку купување акции или, пак, да се одлучат на поризични форми на инвестирање.
Според поранешниот гувернер Трпески, доколку банките почувствуваат негативни тенденции кај граѓаните, како на пример вадење на парите од банките, лесно можат да ги покачат каматите и на тој начин повторно ќе имаат прилив на финансии. Според него, иако каматите се ниски, сепак, нема опасност граѓаните масовно да ги вадат резервите и да се одлучуваат на други форми на инвестирање уште помалку во некои ризични форми, бидејќи е потребно знаење за новите форми на инвестирање, но и поради тоа што граѓаните сакаат да бидат на сигурно кога управуваат со своите заштеди.
– Некои од граѓаните не се запознаени со можностите за купување или инвестирање во други форми, па затоа и ги чуваат парите во банките. Од друга страна, многу малку граѓани се запознаени со процесот на купување криптовалути, ниту пак сакаат да влегуваат во ризични потфати во кои може да изгубат дел од резервите. Иако има фондови преку кои може да се вложуваат вишокот средства, кои, пак, потоа ќе се искористат за инвестирање и од кои лицето што вложило ќе добие повисок поврат на средствата отколку да ги депонира во банка, сепак, повеќето од граѓаните вишоците ги чуваат во банките – потенцира Трпевски.
Универзитетскиот професор Томе Неновски од „Американ колеџ“, за „Нова Македонија“ посочува дека можностите што ги имаат нашите граѓани на располагање за инвестирање на вишокот ликвидни средства се ограничени, а дополнително поради сѐ уште големата неизвесност наметната од пандемијата граѓаните не се одлучуваат на промени.
– Во услови на општа несигурност и неизвесност за идните случувања во земјата, граѓаните не се охрабруваат на капитални инвестирања, освен купување станови. Периодичните промени на берзата, проследени со неизвесност во поглед на идните можни добивки, не им даваат мотив на граѓаните за купување позначајни износи на акции – вели Неновски.
Тој објаснува дека поради здравствено-економска криза, граѓаните се ориентирани кон купување неопходни продукти за егзистенција и се воздржуваат од купување трајни потрошни стоки.
– Стравот од евентуалното влошување на здравствено-економската состојба во земјата, со можни последици во евентуално „бркање“ од работа или намалување на платите, предизвикува воздржување од значајно повлекување на дел од нивните заштеди и чување пари за „црни“ денови. Според тоа, во услови на општа несигурност и неизвесност, граѓаните повеќе претпочитаат чување на нивните средства во банките и со добивање занемарлива камата отколку да влезат во некој деловен потфат исполнет со ризици – дополнува Неновски.
Неизвесноста ги кочи инвестициите
Професорот Неновски објаснува дека со зголемување на средствата што граѓаните ги чуваат во банките, се зголемува можноста банките да понудат повеќе кредити за компании подготвени да инвестираат.
– Растечките износи на депозити на граѓаните кај банките со ниска каматна стапка создаваат можност банките да ја зголемуваат понудата на „евтини“ кредити за претпријатијата што се подготвени да влезат во разни инвестициски потфати. Но и кај нив како да преовладува стравот од неизвесноста што е присутна. А (не)извесноста е еден од најсилните фактори што го определуваат обемот на инвестициите – прецизира Неновски.
Професорот исто така објасни дека вообичаена практика е во време на рецесија, како сега, каматните стапки да се намалуваат, за да се зголеми побарувачката на кредити, на инвестициите и производството и постепено земјата да ја надмине рецесиската фаза. Објаснува дека во вакви ситуации банките си конкурираат меѓусебно со пониски и поатрактивни каматни стапки за кредитите за да ги задржат постојните, но и да привлечат нови кредитокорисници. Ова, вели Неновски, е причина банките во исто време да ги намалат каматните стапки на депозитите, што за депонентите, особено физички лица, не е благопријатна и прифатлива ситуација.
Колку ваквата состојба ќе биде поттик за граѓаните повеќе да се одлучуваат да тргуваат на берзите или да инвестираат во инвестициските фондови, според упатените, зависи и од дивидендите, но и од информираноста на граѓаните.
– Клучна е информираноста на граѓаните за алтернативни видови вложување, пред сѐ на берзата или во инвестициски фондови, каде што во моментов има многу подоходни опции. Дивидендите на компаниите треба да бидат најголем мотив за вложувачите, особено имајќи предвид дека каматите на депозитите се многу ниски. Кај секоја компанија, чија дивиденда е повисока од каматите на депозитите, акциите стануваат атрактивни. Имајќи предвид дека политиките на централните банки досега беа, но и во следниот период ќе бидат во насока на зголемување на ликвидноста, што упатува на тоа дека каматите на депозитите ќе останат на ниско ниво, така што сите алтернативни вложувања што ќе остварат повисоки приходи од каматите на депозитите би требало да ги заинтересираат инвеститорите – објаснува Коста Костадиновски, овластен инвестициски советник од Комисијата за хартии од вредност.
Тој истакнува дека лицата што минатата година купувале акции, во екот на кризата, оствариле добри капитални добивки, бидејќи купувале кога сите продавале.