Претседателот на Владата Зоран Заев денеска учествуваше на дебатата за отворањето на фабрика за преработка на отпад во Неготино организирана од Општината и во соработка со граѓанските и организациите за животна средина.

– Како дел од Интервентниот план за инвестиции 2021-2027 на Владата на Република Северна Македонија е инвестицијата во енергија од отпад, односно строго еколошка инвестиција без систем на издувни гасови, односно преку затворен систем без оџак, на која и претходат селекциони или сепарациски опреми за примарна селекција на отпадот. Нагласувам станува збор за технологија која не го согорува отпадот па од него да се создаваат емисии на штетни гасови. Не, високите температури во печките го претвораат веднаш отпадот во гас кој потоа се користи за придвижување на гасни турбини за производство на електрична енергија, малку од отпадот што останува како цврста материја се употребува како материјал во градежната индустрија – истакна премиерот Заев.

Тој истакна дека станува збор за иновативна технологија којашто доаѓа во нашата земја и фабриката што ќе биде изградена со оваа инвестиција не претставува никаква закана за почвата, за воздухот, за водата, а во постапката за изградба, како што додаде ќе бидат спроведени сите законски обврски и ќе бидат запазени сите пропишани стандарди за заштита на животната средина.

Инвестицијата дополнително вклучува 100 комунални возила за собирање на смет, изградба на 11 претоварни станици, дополнително и 11 збирни потстаници, 6.000 метални и пластични комунални контејнери и асфалтирање на патна делница од 5 км до село Дуброво и на територијата на Општина Неготино.

Проценетата вредност на капиталот што ќе се инвестира од страна на Стратешкиот инвеститор изнесува 336,6 милиони евра.

Овој проект претставува целосно и трајно решавање на отпадот на 74 отсто од територијата на Северна Македонија или опфаќа 48 Општини, односно од 5 плански региони во земјата. Станува збор за целосно странска приватна инвестиција, преку компанијата „Зока Енерџи Солушн“ – Неготино, по пат на Законот за стратешки инвестиции.

– Спротивно на сите погрешни разбирања, толкувања и дезинформации, цел на оваа инвестиција е заштита на животната средина, намалување на загадувањето и подобрување на добросостојбата и условите на живеењето преку преземање на собраниот отпад од надлежните комунални претпријатија, третирање на отпад и производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија со примена на нови технологии и иновации – потенцираше премиерот и додаде дека со овој исклучително значаен проект ќе бидат затворени сите диви депонии.

Заев нагласи дека оваа инвестиција е одговор и на нашата обврска од преговорите за членство во ЕУ каде што прашањата за животната средина имаа посебно значење.