Владата на денешната седница ја донесе Одлуката за воведување нова дополнителна субвенција од еден денар за килограм предадено грозје „смедеревка“ и „вранец“. Лозарите за средства ќе можат да конкурираат до 25 декември 2018 година. Во барањето за аплицирање треба да приложат и доказ (потврда) дека грозјето е предадено во домашни винарии.
Како што соопшти Министерството за земјоделство, корисници на средствата се земјоделски стопанства кои имаат површини под лозови насади и остварено годинашно производство од сортите „смедеревка“ и „вранец“ кое го предаваат во регистрирани капацитети за производство на вино во Македонија.
– Со воведувањето на оваа нова дополнителна субвенција ќе се придонесе за зголемување на рентабилноста на производството на овие две најзастапени сорти, смета Министерството.
Со годинашната Програма за финансиска поддршка во земјоделството, лозарите кои имаат од еден до 10 хектари лозје ќе добијат наместо 40.000 денари 48.000 денари по хектар за одржување насади. Претворена во килограми, оваа субвенција изнесува половина денар по килограм, што значи дека вкупната финансиска поддршка заедно со дополнителната субвенција ќе изнесува 1,5 денари за килограм.
Министерството за земјоделство неколку месеци пред почетокот на бербата на грозје одржа повеќе состаноци со двете страни, со цел да се слушнат сите предлози на лозарите и на винариите и да се обезбедат услови за непречен откуп по рентабилни цени.
За да се изнајде соодветно решение деновиве средба со лозарите во Кавадарци имаа и премиерот Зоран Заев и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.
Според најавите на откупувачите, за претстојната реколта 2018 година се предвидува откуп на околу 38 милиони килограми „смедеревка“ и околу 42 милиона килограми „вранец“.
МЗШВ континуирано ќе го следи откупот на грозјето за да се гарантира, како што наведува, непречен откуп.