Директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, заедно со делегација од Република Италија, предводена од амбасадорот Андреа Силвестри и полицискиот аташе Диего Морели, ја посети јужната граница, поточно Гевгелискиот и Дојранскиот Регион.
Делегацијата најнапред го посети граничниот премин Богородица, од каде што се упати кон местото наречено Вршник Бара, каде што беше презентиран начинот на обезбедување на државната, т.е. зелената граница, а пред присутните беа претставени и современите технички средства за обезбедување на границата. Во рамките на посетата обиколка беше направена и на местото наречено Чука, каде што пред присутните беа посочени најчестите места што мигрантите ги користат за илегално преминување на границата.
Дополнително, беа посетени и граничниот Камен 59, место познато од периодот на мигрантската криза, како и привремениот транзитен центар „Винојуг“. Посетата на делегацијата на јужната граница заврши со работна средба на граничниот премин Дојран, каде што од надлежните беше запознаена со трендовите на илегална миграција во Дојранскиот Регион.
Амбасадорот Силвестри изрази исклучително задоволство од начинот на справување на нашата полиција со мигрантската криза истакнувајќи ја нејзината клучна улога во менаџирањето и спречувањето на илегалната миграција.