Огромен процент од граѓаните ќе се изјаснат „За“ на претстојниот референдум, и впрочем и дури и тие што се против, се со мали минорни бројки и тоа е дел од таа кампања што постои во Македонија, предводена од „Бојкотирам“, изјави премиерот Зоран Заев по формалното отворање на кампањата на ЕУ „Замисли иднина заедно!“.
Премиерот е уверен и дека бројките ќе растат, а изрази и надеж оти опозицијата ќе биде позитивна заради тоа што, посочи, и таа е за Европската унија и за НАТО.
– Ги знам и ги разбирам нивните несогласувања со договорот со Грција, но истовремено уште еднаш уверувам дека ако оставевме на времето никој не гарантира дека ќе постигневме подобар договор, а договорот е фер и праведен – рече Заев.
Потсети дека договорот ја гарантира европската иднина на земјата, го потврдува македонскиот идентитет, македонскиот јазик, химна, знаме, грб и, како што кажа, сето она што се наши атрибути како земја, како држава, како народ, сета наша мултиетничност и различност.
– Мојата амбиција не е да постигнам резултат каде што повеќе од граѓаните ќе бидат „за“. Тоа е веќе постигнато. Тоа е јасно во Македонија. Нема друга алтернатива освен полноправното членство во НАТО и ЕУ и градење пријателство со соседите. Но, нашето лице ќе биде цензусот, односно излезноста на повеќе од 50 отсто од граѓаните од вкупниот број гласачи, а согласно последниот избирачки список тоа се 903.000 гласови кои што треба да излезат најмалку на референдумот, за да имаме донесено одлука согласно Уставот како што е пропишано – рече Заев.
Најави дека кампањата за референдумот ќе биде „пријатна, едукативна и мобилизирачка“, односно поразлична од онаа на политичките партии за парламентарни или локални избори, каде што, како што рече, граѓаните ќе излезат многу слободно, растеретено и ќе одлучат за својата европска иднина.
Рече дека медиумскиот простор ќе биде платен од парите што Владата ги алоцираше во Парламентот, што, како што потсети, е покренувач на постапката за референдумот.
– Уште еднаш да расчистиме – овие пари се поделени по мандати, значи не се поделени по пратеници како поделени пари за пратеници согласно добиените мандати, и нивната определба за „за“ и „против“ така ќе бидат закупени и медиумските простори – сто отсто од тие пари одат во медиумите, рече Заев.
На новинарско прашање дали се комплетно опремени тимовите за скринингот на ЕУ што почнува во септември и дали ќе учествуваат и граѓансите организации, Заев рече дека тимовите се оформени до тој дел до каде што е можно, а се разговара и понатаму со граѓанските организаи.
– Наша позиција е граѓанските организации да бидат максимално вградени, заради тоа што имаат сериозни капацитети, во одредени области дури и повеќе од капацитетите на државните институции и тие не само што треба да бидат дел од преговарачките тимови по групи и по поглавја, треба да бидат дел од главниот преговарачки тим, но имаат и должност да бидат, заради тоа што тие капацитети се создадени и се наши, на Македонија и треба да бидат искористени. Ако максимум ги искористиме сите наши капацитети толку побрзо ќе отвораме и затвораме поглавја кои што живот ќе значат за граѓаните – рече Заев.
Изрази уверување дека се ќе биде завршено до јуни 2019, во процесот на подготовка која ЕУ ја очекува од земјава – а тоа е формирање на преговарачките тимови, отворање на претпристапните преговори, скринингот.