Компанијата „Вирџин галактик“ најави дека ќе организира нов тест-лет во вселената, кој треба да се случи на 11 јули, а во кој првпат ќе учествува и основачот на компанијата Ричард Бренсон.
На овој начин, Бренсон сака да го надмине колегата милијардер Џеф Безос, кој најави дека неговата компанија „Блу ориџин“ ќе организира вселенски лет на 20 јули и дека тој ќе биде во леталото. Безос ќе лета до вселената со леталото „Њу Шепард“.
– По повеќе од 16 години истражување и тестирање, „Вирџин галактик“ стои како лидер во комерцијалната вселенска индустрија што треба да отвори нови гледишта за човештвото и да го промени светот засекогаш. Чест ми е што сум дел од овој проект – изјави Бренсон.
Летот, кој е закажан за 11 јули, ќе биде четврти вселенски тест-лет на „Вирџин галактик“ и наедно прва мисија со четиричлен екипаж. Компанијата го организира последниот сличен лет на 22 мај, а во него учествуваа само двајца пилоти.
„Вирџин галактик“ претходно соопшти дека Федералната управа за авијација на 25 јуни одобрила дозвола за организирање вселенски летови, а компанијата објави дека на почетокот на 2022 година ќе започне да организира комерцијални летови за туристи и сите заинтересирани граѓани.
Покрај сопственикот на компанијата Ричард Бренсон, во екипажот на летот ќе бидат и Бет Мозес, главниот инженер Колин Бенет и Сириша Бандла. Пилотите на „Вирџин галактик“, Дејв Мекај и Мајкл Масучи, ќе управуваат со вселенското летало „ВСС јунити“.
Вселенскиот лет, како што најави компанијата, ќе може да се следи во живо преку официјалните канали на компанијата на Фејсбук, Јутјуб и Твитер.