За жал, борбата со тероризмот не завршува како во филмовите, со апсење на терористот. Напротив, можноста за радикализација и продлабочување на терористичката идеологија во затворите, при издржувањето на казната, е детектирана како нова закана, која бара интензивна полициска соработка за да се спречат идните напади и да се осигури јавната безбедност, вели Грек Хиндс, директор на Единицата за борба против тероризам на Интерпол
Затворите како инкубатори за врбување и приклучување нови членови кон терористичките организации
Тероризмот е предизвик со кој се соочуваат речиси сите земји во светот, бидејќи е едно од најголемите човечки зла на денешницата. Низ минатите години, многубројни се терористичките напади, а терористичките организации постојано наоѓаат начини како да ги реализираат своите цели. Денес државите здружено се борат против тероризмот, меѓутоа борбата е постојана и таа трае со години. Колку и да се трудат државите да им стават крај на овие нерационални терористички активности, сепак, на еден или на друг начин, поддржувачите на оваа налудничава идеологија наоѓаат нови начини за врбување нови терористи и за дејствување низ светот.
ПРЕДИЗВИК ЗА ИНТЕРПОЛ
За голем број држави, борбата со тероризмот не завршува со апсењето на терористите. Напротив, оттука почнуваат предизвиците. Во голем број европски земји, властите заклучиле дека со апсењето на терористот не завршува неговото терористичко дејствување. Затворите може да бидат одлични локации за терористите да ги шират своите идеологии и да врбуваат нови членови. Затворите им нудат на терористите постојано „свежа крв“ за врбување и приклучување нови членови кон радикализација.
За жал, откако овој проблем е детектиран, истиот тој расте како резултат на пронаоѓањето и апсењето стотици странски терористи од Ирак, Сирија и другите конфликтни зони.
Овој проблем е детектиран и од страна на Интерпол, од каде што велат дека затворската радикализација всушност е ширење на терористичките идеологии и нивно продолжување преку затворениците, кои повторно претставуваат опасност за јавната безбедност откако ќе го завршат одлежувањето на затворската казна.
– Додека некои сметаат дека осудените за тероризам одлежуваат долги години во затвор, просечниот број на години на осуденост е помал од десет години. Со оглед на тоа што голем број уапсени терористи се релативно млади, во моментот на одлежувањето на затворската казна едвај имаат 30 години – информираат од Интерпол.
Без да им се оспори правото на слободен живот по одлежувањето на казната и со надеж дека ќе продолжат со нормалниот живот, сепак, токму тие и претставуваат најголем проблем и предизвик. Според истражувањата, терористичките напади изминатите години реализирани од страна на поранешни затвореници се пораснати и токму затоа оваа проблематика бара посебно внимание од страна на властите.
– За жал, борбата со тероризмот не завршува како во филмовите, со апсење на терористот. Напротив, затворската радикализација претставува нова глобална закана, која бара интензивна полициска соработка за да се спречат идните напади и да се осигури јавната безбедност – вели Грек Хиндс, директор на Единицата за борба против тероризам на Интерпол.
И МАКЕДОНИЈА УЧЕСТВУВА ВО БОРБАТА ПРОТИВ ТЕРОРИЗМОТ
Во Националната стратегија за борба против тероризмот на Македонија јасно се утврдени заложбите за борба против тероризмот и негово спречување.
Во неа е наведено дека во Република Македонија, склоноста да се поттикнуваат граѓаните да одржуваат етнички и конфесионално затворени општества, наместо напори да се поттикне инклузивна, интеркултурна и интракултурна интеграција и верска толеранција, се во голема мера важни причини за немири. Понатаму, овие разлики во општеството придонесуваат кон индивидуална или колективна желба да се прифати екстремизмот. Во крајна линија, поделбата и исклучувањето значително ќе придонесат кон транснационалните ефекти на прелевање, што ги засилуваат последиците на локално, државно и регионално ниво.
– Република Македонија е на крстосница на транснационалното движење што поврзува криминални, идеолошки и екстремистички групи, чиешто ширење, влијание и активности државата може да ги запре или, во најмала рака, да ги попречи, со помош на меѓународна поддршка и соработка – наведено е во стратегијата.
Во неа се наведува дека капацитетот на Република Македонија да детектира и одврати акти на тероризам без меѓународна поддршка и натаму бара јакнење. Поконкретно, на полицијата ѝ е потребна обука за команда и контрола, тактичко планирање и извршување, како и грижа за повредените.
– Без оглед на ова, Република Македонија успешно изврши апсења на „странски терористички борци“ и претреси кај потенцијални странски борци. Во координација со регионалните партнери ги попречи плановите за терористички напади и ги уапси македонските граѓани што се обидуваа да му се приклучат на ИСИС. Обвинителите обезбедија затворски казни против странските терористички борци првенствено преку спогодби за признавање на вината – пишува во неа.
Граничната полиција на Република Македонија ги користи листите на набљудувани лица на Интерпол и Еуропол што редовно се ажурираат и тие имаат можност за биометриски скрининг. Граничната полиција исто така споделува и прима информации преку аларми од заедничките контакт-центри во соседните земји (Албанија, Бугарија, и Косово) и Интерпол. Како одговор на приливот на мигранти, Европската Унија (ЕУ) и балканските земји редовно испраќаат деташирани припадници на граничната полиција за да помогнат во обезбедувањето на јужната граница на Република Македонија.
ГОЛЕМА АКЦИЈА ЗА АПСЕЊЕ ТЕРОРИСТИ РЕАЛИЗИРАНА НА КРАЈОТ НА 2020 ГОДИНА
На крајот на минатата година, во земјава беше реализирана акција со која беа уапсени осум терористи од Скопје и Куманово. Според информациите, тие биле логистика и снабдувале терористичка група со оружје, воена опрема и финансии. За меѓусебна комуникација тие ја користеле апликацијата Ватсап, каде што се договарале за транспортот на оружјето и начинот на изработка на самоубиствени појаси. Надлежните ја поврзаа групата со претходно откриената ќелија на ИСИС во Куманово, каде што на местото познато како Менкова Колиба, на 27 август 2020 година, беше откриено поголемо количество оружје и муниција и беа приведени три лица.
– Членовите на групата презеле повеќе подготвителни дејства, обезбедувале финансиски средства и набавиле оружје, муниција, воена опрема, изработиле импровизирани експлозивни направи и потоа изведувале пробни испалувања и активирање на импровизираните експлозивни направи и оружјето што го набавиле – велат од МВР.
Извршени биле претреси на осум локации, од кои пет во Куманово и три во Скопје, при што биле пронајдени и приведени членовите на терористичката група. Против нив е поднесена кривична пријава за кривично дело „терористичка организација“, предвидено и казниво по членот 394-а став 2 од Кривичниот законик – соопшти тогаш полицијата.
Според МВР, кумановецот Бујар А. ја создал терористичката организација во која членувале уште десетмина врз основи на идеолошката матрица на терористичката организација ИСИС за извршување убиства и уништување јавни објекти, со намера да се создаде чувство на несигурност или страв кај граѓаните. За остварување на таа намера, членовите на групата презеле повеќе подготвителни дејства, обезбедувале финансиски средства и набавиле оружје, муниција и воена опрема и изработиле импровизирани експлозивни направи. Едниот од групата, според полициски сознанија, учествувал и во паравоени формации надвор од територијата на земјава, како припадник на терористичката организација ИСИС во Сирија.