Рускиот претседател, Владимир Путин, одговара на прашања поставени од руските граѓани во рамки на традиционалната телевизиска програма „Директна линија“. Оваа година Кремљ доби повеќе од милион прашања преку телефонски центри, текстуални и видеопораки или мобилната апликација „Москва-Путин“.
Прашањата на кои одговара Путин се од различни области – од надворешна политика, до економија и климатски промени, но, како што истакна портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, оваа година Русите биле најмногу заинтересирани за здравствената политика и вакцинацијата против коронавирусот. Прашањата за надворешната политика спаднале во втор план, со исклучок на затегнатите руско-американски односи.
Програмата започна со прашањето за новиот пандемиски бран предизвикан од позаразниот делта сој, како и задолжителната вакцинација за работниците што беше воведена во Москва.
– Реков дека не поддржувам задолжителна вакцинација и стојам на тоа. Со цел да се спречи заклучување, регионите воведуваат задолжителна вакцинација. Натамошното ширење на инфекцијата може да се спречи само благодарение на вакцините – посочи Путин.
Рускиот претседател истакна дека регионите се обидуваат да избегнат нов локдаун со воведување специјални мерки, што ќе го заштитат најранливото население.
Еден граѓанин се заинтересирал која вакцина ја примил Путин и дали воопшто ја примил, со оглед на тоа што видео од неговата вакцинација не е објавено.
– Така одлучив намерно. Ме замолија да не откривам за да не се создаде конкуренција. Мојата одлука беше да ја добијам вакцината „спутник В“. Откако ја примив, имав температура од 37,2 степени навечер и 36,6 степени наутро. Направив и тест кој покажа дека имам високо ниво на антитела – рече Путин и додаде дека неговата ќерка ја примила истата вакцина.
Рускиот претседател се осврна и на односите со Украина.
„Украинскиот народ не е непријателски. Ние сме една нација“, рече Путин прашан за односите меѓу двете земји и најави дека ќе напише аналитички текст за историјата на Русија и Украина.
Тој посочи дека Украина е целосно управувана однадвор, од Вашингтон и делумно од Париз, како и дека нема причина да се сретне со неговиот украински колега Володимир Зеленски.