Меѓународниот институт за мода „Изет Цури“ ја завршува академската година
со изложбата „Мода во сликарството“
Програмата на институтот е направена според искуствата на водечките светски училишта, реалните потреби за стручно образование на модните дизајнери и според позитивните интернационални искуства на наставниците
По неуморна работа на студентите на меѓународниот институт за мода „Изет Цури“ во Скопје во текот на оваа академска година, тие ќе ѝ го претстават наученото на јавноста на изложбата со наслов „Мода во сликарството“ (La Mode En Peinture), која ќе се одржи на 30 јуни (среда), во просториите на школата во Старата чаршија во Скопје.
Во изминатите шест години постоење, институтот успеа да создаде стручен тим наставници, докажани професионалци во нивната потесна дизајнерска област, а многу од нив се со едукација во некој од светските дизајнерски центри и интернационално работно искуство. Институтот иста така ангажира и интернационални предавачи.
Ваквата кадровска конципираност е уште еден предуслов за успешно одвивање на наставата и формирање модни дизајнери. Програмата на институтот е направена според искуствата на водечките светски училишта, според реалните потреби за стручно образование на модните дизајнери и според позитивните интернационални искуства на наставниците. Благодарение на нејзината широчина, идните модни дизајнери се оспособуваат за работење на локалниот и на интернационалните пазари и се во можност да се фатат во костец со сите предизвици што динамичната модна индустрија знае да ги постави во текот на извршувањето на професионалните обврски. Една од уникатните карактеристики на овој институт е изучувањето на мулаж-техниката во конструкцијата на облеката и финото шиење, благодарение на богатото искуство на господинот Изет Цури, врвен дизајнер од светски ранг.
За време на студиите, студентите градат портфолио, што ги прави конкурентни на пазарот, додека ги прават првите професионални чекори. Наставната програма исто така овозможува совладување на маркетингот на мода, техниките за графичка презентација и совладување на јазикот на модната комуникација, знаења и вештини што се од голема помош на идните млади дизајнери. Изучувањето на некои историски дисциплини (историја на костимите, историја на модата итн.), им служат на студентите за проширување на визуелната култура, разбирање на еволуцијата на облеката и модните додатоци и нивната релација со сложените општествени контексти. Ваквото знаење им помага на студентите да ја разберат појавата на многу феномени (појавата на високата мода во Париз, искуството на Џовани Батиста Џорџини и раѓањето на италијанскиот стил, трансформацијата на Бангкок во азиски центар на модата итн.) и да ползуваат дел од позитивните искуства од минатото во нивната работа.
Меѓу познатите имиња што им ги пренесуваат своето знаење и искуство на студентите е и македонски моден дизајнер Никола Ефтимов, кој е гостин предавач на меѓународниот моден институт „Изет Цури“.
По завршувањето на циклусот – отварање на институтот, стабилизација на неговото работење и постигнатите резултати во однос на квалитетот на наставата, управата на институтот реши да ја крене наставата на уште повисоко ниво, преку изработка на елаборатот за акредитација на високообразовна институција – самостојна висока стручна школа.
Инаку, основачот на институтот „Изет Цури“, по своето повеќедецениско работење во најстарата светска модна метропола – Париз, се стекна со непроценливо искуство во техничките области на изведба на рафинирана облека, водење сопствено ателје за облека направена по мера, костимографија итн. Неговата благородна визија за пренесување на знаењето и акумулираното професионално искуство на младите генерации од земјава и од регионот резултира со отворање на интернационалниот институт за мода „Изет Цури“ во Скопје, образовна институција што дава услуги од областа на неформалното образование. Во 2020 година институтот го прослави петгодишниот јубилеј на успешно постоење. Овој институт стана синоним за врвни стандарди во обучувањето идни дизајнери, како од технички аспект (моделизам) така и од аспект на дизајнерска обука (стилизам) и оспособување за независна дизајнерска работа. Како доказ за ваквото тврдење сведочат не само успешните годишни школски презентации на, кои привлекуваат огромно внимание од јавноста и медиумите и по својата природа се единствени во нашата земја, но и пошироко, туку и многуте успешни професионални приказни на некогашните студенти. Некои од нив се на стручна практика во светските луксузни модни куќи.