Мачките можат да бидат мистериозни за многу работи, но повеќето од нив дефинитивно мразат еден од основните елементи: водата. Тие сакаат да пијат вода, но штом дојде во контакт со нивното крзно, стануваат агресивни. Прочитајте кои се некои од причините зошто е така.
Водата ги прави потешки: Замислете дека треба да носите влажно ќебе на рамената и да почекате да се исуши. Кога нивното крзно ќе се навлажни, мачките се чувствуваат тешки и не можат да се движат нормално. Ова е мошне непријатно искуство за животно што се движи поголемиот дел од времето без никаков напор.
Еволутивната историја на мачките: Во историјата на мачките нема ништо што можело да ги навикне на интеракција со вода. Предците на мачките живееле во суви области, што значи дека океаните или реките не биле пречка со која требало да се соочат.
Мачките можат да ги намирисаат хемикалиите во водата: Мирисот е нивното најсигурно чувство. Иако човекот не ги чувствува веднаш, хемикалиите во водата од чешма ѝ даваат посебен мирис што чувствителниот нос на мачките веднаш ќе го забележи.
Негативни искуства: Ако првиот допир со вода за нив претставувал исклучително стресно искуство, тие веројатно нема да сакаат ниту да ѝ пријдат во зрелоста.