Јани Бојаџи
Мене, драги мои, и оваа недела не ме напуштаат прашањата, кои се длабоки и лични. Зошто го правам ова? Што ми треба сето тоа? Како ќе се живее вака? Особено, како ќе се живее кога си роден горделив, правдољубив и толерантен? Не знам. Немам идеја. Вистина ви велам. Но мора да се живее. Жив во гроб не се влегува, рекле старите. И другпат сум ви го спомнал овде Прличев, кој истото ова прашање „како ќе се живеј“ си го поставувал во деновите кога бил во егзил во Солун. Јас, кој денес пишувам, навистина се чувствувам како да сум во егзил, протеран во Скопје. Скопје денес е нашиот духовен пораз. Ние денес сме прогонети во сопствената мајковина. Како некогаш Прличев. Историјата се повторува. Има уште некои што не веруваат во тоа? Добро. Нека им е. Да продолжиме ние со нашите приказни. Што друго ни преостанува?
Сосема е јасно дека тие што некогаш можеа слободно да се наречат Македонци ја изгубија битката, која од Јалта, па наваму ја води Америка. И во таа битка нема место на Македонија и за Македонци. Според нивниот план. За нивната нова Европа. И во овој момент тие победуваат и на победените им ја наложуваат волјата. Нема како поинаку да се толкува договорот од Преспа, освен како договор за капитулација по војна во која победената страна мора да прифати сѐ што се бара од неа. Во таква ситуација, прво што прави победникот е воспоставување марионетска власт со која тој ќе управува видливо, несомнено и за секого разбирливо.
Целта на победникот е јавно да ја манифестира својата победа. Така си е тоа. Од победата во Јапонија и Германија во Втората светска војна до победите во преостанатите држави од Западна Европа, кои Америка ги освои со борби. Тоа да не го заборавиме. Тие за ова се борат сѐ уште. Дури и со мрсули како нас. Затоа, суверенитетот на победениот престанува да постои и тој се окупира и управува од империјата или, пак, тоа право се споделува со оние држави што како вазалски во таа војна биле на нивната страна. Кој дел не го разбирате? Во оваа војна со Америка беа Албанците и тие си го добија и наложија својот суверенитет во Македонија и врз Македонците. Потоа, војната ја доби и Грција, а сега е на пат да ја добие и Бугарија. И најверојатно и ќе ја добие до крајот на оваа година. Така, Америка ќе го реализира она што го сака: поделба на Македонија, правно престанување на нејзиното постоење со создавање нов ентитет Северна Македонија и нова нација, не од 1944 година како што се плашиме дека ќе добиеме, туку од 2017 година.
Америка, драги мои, инсталира чудовиште. Билјана Ванковска остроумно и пред сите нас забележа дека државата Република Северна Македонија не може да постои како демократска држава. Сега станува сосема јасно дека Република Северна Македонија не може да постои воопшто како држава, туку само како протекторат! Како ќе функционира ова? Според договорот од Преспа, а сега и со договор со Бугарија се воведува тотална цензура на јавниот говор, кој се контролира од Тетово, Атина и од Софија? Веќе нештата одат натаму, што според идејата на потписниците на еден од овие договори, поранешниот министер Никос Коѕијас, Владата во Атина треба во амбасадата во Скопје да инсталира свое специјално тело од правници, претпоставувам и лингвисти, историчари, литературоведи, журналисти, филмолози, социолози, политиколози и други експерти од најразличен вид, кои ќе вршат надзор, контрола и во крајна сметка цензура на сѐ што се пишува, објавува и јавно покажува и говори во Република Северна Македонија, а е финансирано со средства од Владата на Република Северна Македонија.
Некој ќе треба да ги чита и дозволува за објавување, откако предходно на авторите ќе им ги врати или самата таа ќе ги поправи неправилно напишаните именки, придавки, додавки, фрази, толкувања, определби и ставови на авторите. И откако тоа ќе помине кај една од страните, да речеме кај грчката, тоа треба да отиде кај бугарската, која по примерот со Грција, веќе најави вадење табли, бришење наслови, редакција на старата и пишување нова историја и демонстрација на нов јавен говор.
И на крајот, бидејќи оваа на почетокот, сепак наложена состојба, мора да прерасне во начин на живот, во начин на мислење, на ново битисување воопшто, односно треба да стане општествена рутина, ќе мора да се воведат и законски казни за прекршителите на овие правила. Па, така, секој што ќе каже Македонија или македонски или македонска ќе мора да биде казнет.
И еве нѐ во систем во кој се криминализира целата нација. Секој граѓанин е потенцијален криминалец секогаш кога ќе говори јавно. Но бидејќи ова веќе еднаш е применето и дало резултати во Грција и во Бугарија, со воведување законски забрани за употреба на именката Македонија и Бугарија и како последица на тие забрани, кои главно биле наложени кон оние што некогаш се самонарекувале Македонци, двете страни сосема разбирливо очекуваат овој систем и неговата примена на овој дел од Македонија да ги даде истите резултати како и таму. Се работи за истиот народ. Колку треба да си експерт за ова да го сфатиш за три секунди?
Јас разбирам дека еден дел од вас ова ќе го прифати како свршен чин. Логично е да кажете дека не стоите вие зад ова, туку силата и волјата на Америка. Барем тоа ми е сосема јасно. Вие ниту се боревте и ниту победивте во оваа битка. Вие, ама истите вие, како во 1919 и во 1941 година само застанавте на страната на победниците. И толку. И имате право на тоа. Тоа е вашиот слободен избор. Но само под еден услов: да се согласите дека некои други имаат право да не се согласат со ова. Затоа што вашето право да се согласите, беше право на малцинството. Република Северна Македонија и новата нација, најверојатно северномакедонска, се создадени со волјата на малцинството. И секој ден, ама секој ден, ќе мора да живеете со фактот дека вашата малцинска волја е наметната на мнозинството Македонци, не со вашата способност за тоа, туку со силата на империјата врз мнозинството, кое сега е уплашено, заплашено, демотивирано и притаено. И таа притаеност е контролирана со судски пресуди, казни, забрани, тортури, притисоци и закани, кои во името на победените ги спроведувате вие. Вие сте обвинители. Вие сте прогонители. Вие сте судии. Вие сте џелати. Вие. Не се тоа службеници донесени од Вашингтон, Берлин, Париз, Брисел, Тирана, Софија или од Атина. Вие, со име и со презиме. Доброволно и по сопствен избор. Но така било и во 1919 година. Така било и во 1941 година. Историјата е само циклус што се повторува. Тоа е нејзиното неотуѓиво право, посилно од сите историски комисии во кои членувате и во кои препишувате, допишувате и натпишувате она што вам ви се допаѓа да се нарече историја.
Е, будалчиња мои наивни! Навистина ли мислите дека сте посилни од вистината? Сите вие што сега се согласивте да бидете дел од власта на малцинството и ги уживате придобивките од тоа што сте избрале да застанете на страната на победниците, а наспроти сопствениот народ, имајте на ум дека такви како вас имало и пред вас. Сите вие што сега се самооправдувате дека тоа сте го направиле за парче леб, за живот, за фамилиите, за децата и за иднината, сите вие имајте на ум дека со тоа што го правите им го земате на другите истото тоа парче леб, животот, фамилиите, децата и иднината. Тоа, да го имате секој ден на ум!
Оти оној ден кога ќе го заборавите тоа и ќе помислите дека е завршена работа, е точно тој ден ќе се промени сѐ! Оти ќе се родат нови Рацини, Неделковци, Карамановци, Пановци, Крлевци и Иљовци, ич да не му се секирате. И ќе дојде ден кога повторно ќе огрее ново сонце на слободата. До тој ден, ќе мора да живеете со стравот дека ништо не е вечно. Сите вие ќе мора да се помирите дека ова денес, за разлика од пред сто години, е време кога сѐ се памети и бележи. Сите вие ќе мора да живеете со фактот дека на ова сте се согласиле доброволно. Вие сте го поддржале лично. Вие сте се потпишале на избирачките списоци за референдум на кој сте гласале „за“. Своерачно и со пармак од палецот. Ова вие сте го направиле оставајќи вечна трага во архивите. Со вашата кожа. Вие сте се самозапишале на списокот. И тие списоци ќе останат. Со вашите имиња во нив. Не е ова волја на мнозинството народ. Нема како утре да речете: народот така реши. Вие така сте решиле. Нема како да го префрлите ова на друг. Вие сте тоа. Вие сте тие што го направиле од една страна и оние што не го направиле од другата страна. Толку е. Вие како израз на сопствена волја сте манифестирале јавна определба. Вие одевте на конгреси. Вие избиравте лидери, собранија, одбори и тела во кои членувате и донесувате одлуки за другите. Вие. Не народот. Сами така сте одбрале.
Сега уживајте во придобивките на таа, каква-таква, сепак ваша борба во која досега, сосема е јасно победувате. Затоа, душмани мои, носете сѐ што ви следува. Сте заслужиле, нема што? Ви честитам, јас никогаш нема да имам таква сила и храброст како вас. Јас сум плашлива природа. Вие, кои ова го правите, а сте мои соседи, колеги, пријатели, другари, најблиски роднини, па дури некои од вас се дел и од моето семејство, имајте на ум дека вашето задоволство денес и вашите придобивки сега, се причина за мојата болка.
Јас вам не ви забранувам ништо. Јас вам не ви судам за ништо. Јас вас не ве принудувам на ништо. Вие ми забранувате, вие ми судите и вие ме принудувате. Вие сте џелатот, а јас жртвата. Вие сте со силата. И имајте на ум дека јас не сум барал од вас ништо. И ништо не очекувам. Јас сум чедо на Нико Казанѕаки. Јас исто како и него верувам дека сум слободен човек. Вам не ви должам ништо. И не мислам да ви се задолжувам.
Зошто тогаш го пишувам ова? Зошто сум на страната на Македонија и на Македонците? Не затоа што сум Македонец. Јас сум дете од мешан брак. Јас знам што се толеранција и разбирање кон другиот. Кон различниот. Јас сум роден и израснат во двонационално и двојазично семејство каде што и ден-денешен се зборуваат и двата јазика. И македонскиот и грчкиот. И ден-денешен се почитуваат и практикуваат и двете култури и традиции. Јас сум сето она што вие не сте. А би сакале да бидете. Нема никогаш да бидете. Јас сум Европа.
Но онаа вистинската Европа на слободата, братството и еднаквоста. Јас сум Европа на обединетите во различноста. Вие не сте ништо од тоа. Вие сте робови што разнесуваат вреќи полни со болви што ги расфрлаат наоколу за да ги касаат слободните по волја и дух. Затоа што за вас ова е само згода повторно да се биде на страната на посилниот. Да се приграби за себе. Бизнисче. Далаверичка. Проектче. Фестивалче. Јас избрав да бидам на страната на послабиот. Јас сум уметник. Нема како да бидам со посилниот.
Не му треба на посилниот мојата сила, си ја има тој неговата. Ама да се биде на страната на послабиот, на помалиот, на незаштитениот е поривот на уметникот. Јас сум поет на угнетените, на потиснатите и омаловажените. Јас знам зошто Гордон Бајрон одбрал да биде на страната на Грција и на Грците во нивната борба против Османлиската Империја? Вие знаете ли? Јас утре ќе бидам на страната на Грција во борба со Турција, оти во таа борба Грција ќе биде послабата страна. Јас сум наследник на Александар Македонски, оној што знаел да ги сака другите како што се сакал себеси и своите. Јас сум чедо на оние што се измешале помеѓу себеси и живеат во братска љубов со другите. Знаете ли како е да се живее така? Не знаете. И никогаш нема да дознаете. Заборавете сега на сѐ. Во оваа битка победивте. Пред вас е долго и топло лето. Уживајте. Сте заслужиле. Се борите…!
Авторот е режисер и универзитетски професор