Торнадо и силно невреме проследено со грмотевици синоќа погоди неколку градови на југоистокот од Чешка, во регионот Јужна Моравска, уривајќи куќи до темел. Седум градови и села претрпеа голема материјална штета, а министерот за внатрешни работи, Јан Хамачек, прогласи вонредна состојба, додавајќи дека бројот на жртви може да се зголеми.
Според последните информации, потврдена е смртта на три лица, а повредени се повеќе од 200. Еден автобус се превртел, а сообраќајот на автопатот Д2 е во прекин.
Снимките што се појавија на социјалните мрежи покажуваат вистинска апокалипса што оставила пустош зад себе. Според чешките медиуми, пожарникари од други региони веќе пристигнале на местото на настанот, за да им помогнат на локалните.
Граѓани погодени од катастрофата веќе се хоспитализирани во локалните болници. Голем број повредени пристигнуваат и со приватни возила. Поради последиците од силното невреме, пожарникарите прогласија состојба на опасност од трет степен, соопшти полицијата.
– Ни помагаат спасувачи од регионот Злин, Оломоуц, Пардубице и Височина, но и од Словачка, а кон нас летаат и два хеликоптера од Австрија. Планот е да се пренесат пациенти на големиот паркинг на автопатот Д2 – изјави портпаролката на службата за спасување, Хедвика Кропачкова.
Според изјавите на очевидци, по невремето, силниот ветер кој достигнал брзина од 322 километри на час, одеднаш се претворил во воздушен вртлог кој уништил голем број куќи. Пожарникарите соопштија дека биле пријавени рекордни 300 интервенции за помалку од еден час.
Најлошо во ова невреме поминало селото Хрушки во регионот Бжецлав, кое буквално било срамнето со земја откако поминало торнадото. Автомобили паѓале врз куќите, а локалната црква останала без покрив.
– Селото од црквата надолу практично не постои. Училиштето нема фасада, нема покрив, не успеав да стигнам до градинката. Вековни липи и смреки се искорнати од земјата – опиша заменик-градоначалникот на Хрушки, наведувајќи дека има повредени.
Големи штети се потврдени и во Моравска Нова Вес, каде според градоначалникот, уништени се повеќе куќи во селото низ кое торнадото поминало по разурнувањето во Хрушки.