До 10.000 гледачи од Јапонија ќе биде дозволено да присуствуваат на олимписките борилишта за време на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио, објави „Би-би-си“. Присуството на гледачи од странство од претходно е забрането, но организаторите објавија дека домашните гледачи ќе можат да присуствуваат на олимписките настани, но не повеќе од 50 отсто од капацитетот на гледалиштата. Како дел од протоколот за присуство на трибините ќе бидат забранети викање и гласно зборување, а присутните цело време ќе мора да носат маски на лицето, пишува „Би-би-си“.
– Голем број спортски настани на домашно и на меѓународно ниво се одржуваат со присуство на публика. Со примена на темелни мерки за заштита предвидени од Владата, верувам дека можеме да ги одржиме Игрите со присуство на гледачи. Целиот свет се соочува со истиот проблем и мора заеднички да го надминеме – изјави претседателот на организацискиот одбор на Токио 2020, Сеико Хашимото.