Четирите најдобропласирани екипи ЖРК Металург од Скопје, ЖРК Куманово , ЖРК Деспина од Прилеп и ЖРК Овче Поле од Свети Николе настапија на фајналфор-турнирот од женската младинска лига за ракометарки од генерацијата 2002 година и помлади, кој се одигра вчера во Куманово.
Во полуфиналните дуели ЖРК Куманово ја совлада екипата на ЖРК Овче Поле со 30-25 (16-11), додека екипата на ЖРК Металург славеше против ЖРК Деспина со 31-21 (14-9).
Во финалето кое што помина во крајно изедначена и резултатски неизвесна игра
до самиот крај, младинките на ЖРК Куманово максимално ја искористија предноста на
домашниот терен и успеаја да се надминат самите себеси и да ја совладаат поквалитетната екипа на ЖРК Металург.
До победата и до титулата државен првак, домашните ракометарки стигнаа во самата
завршница и покрај тоа што во самиот финиш имаа негатива од еден гол (22-23), за
потоа со двата гола едноподруго да победат. Најпрвин изедначија со голот на Ангела Јанкуловска, а потоа Ива Димитровска го постигна победоносниот гол, откао голманката на ЖРК Куманово Марија Јовановска одбрани изгледна шанса за гол.
Во мечот за третото екипата на ЖРК Деспина ја совлада екипата на ЖРК Овче Поле со 25-19 . Т.Д.