Европските, но и швајцарските власти донесоа одлука за привремено ограничување на употребата на воздушниот простор над Женева и распоредување на околу 3.000 војници и полиција, како дел од дополнителното обезбедување за самитот на рускиот и американскиот претседател, Владимир Путин и Џо Бајден, кој треба да се случи денеска. Според пишувањата во медиумите, ограничувањето на воздушниот простор на тој дел од земјата исто така ќе биде во сила до четврток во 17 часот, а нема да важи за комерцијални летови од и до аеродромот во Женева. Стефан Тејмер, потпретседател на Федералната полиција и шеф на Федералната служба за безбедност, рече дека нема индикации за закана за самитот, но рече дека „заканата од тероризам останува голема во Швајцарија и во Европа“. Локалните власти објавија дека самитот ќе се одржи во вила од 18 век, сместена во еден од најубавите паркови со поглед на Женевско Езеро.
Инаку, средбата меѓу рускиот претседател Путин и неговиот американски колега Бајден во Женева в среда не се очекува да донесе конкретни договори, но разговорите сепак ќе бидат корисни, изјави официјален претставник на Кремљ. Двајцата лидери се состануваат првпат откако Бајден стана претседател, во време кога билатералните односи се на најниско ниво во последните неколку години. Темите на дискусијата вклучуваат нуклеарна безбедност, климатски промени, сајбер-безбедност и судбина на американските граѓани во руските затвори и руски државјани во американските затвори, рече Јуриј Ушаков, советник за надворешна политика. Руско-американските односи потонаа по руската анексија на Крим во 2014 година. САД, исто така, ја обвинуваат Русија за мешање во претседателските избори во 2016 година и беа воведени санкции за руски компании и поединци.