Најмалку 14 борци меѓу кои и Иранци се убиени во напад извршен од воздух врз воена база на сириската армија во централна Сирија, јави АФП. Засега не е јасно кој извршил напад врз воената база Т-4 позната и по името Тијас.
САД негираа дека се одговорни за нападот.
Сирискиот центар за човекови права соопшти дека во базата имало руски и ирански сили како и борци на либански Хезболах кои се сојузници на сирискиот претседател Башар Асад.
Воздушниот напад е извршен по повеќе од еден ден откако се појавија информации за наводен хемиски напад во градот Дума крај Дамаск во кој загинатите се десетици и за кој се смета дека го извршиле сириски сили. САД, ЕУ, ОН и други држави го осудија нападот во Дума. Советот за безбедност на ОН денеска ќе го разгледува случајот.