Маргаринот, слатките, житните производи за појадок и паштетите може да содржат опасни адитиви што треба да се избегнуваат во храната, според студијата на руските служби „СберЗдоровје“ и „СберМаркет“.
– За Денот на безбедноста на храната, интернет-организациите „СберЗдоровје“ и „СберМаркет“ посочуваат како да изберете безбедни производи, кои додатоци треба да се избегнуваат и колку чини кошница здрави производи без адитиви. Експертите советуваат целосно да се исклучат од исхраната E230 бифенил и E214 етилпарабен, кои најчесто ги има во маргаринот и слатките – се вели во препораката на „СберЗдоровје“.
Според нутриционистката од службата, Маргарита Макуха, е-адитивите се супстанции што се користат при приготвување храна за да се зголеми рокот на траење, да се неутрализира оксидацијата, да се постигне саканата конзистентност или одреден вкус. Покрај тоа, тие се поделени во групи како што се бои за храна, емулгатори, конзерванси, стабилизатори, антиоксиданти, засилувачи на арома и ароматизери, антибиотици, средства за згуснување, ензими, згуснувачи, засладувачи и дезинтегратори, модифициран скроб, хемиски растворувачи.
Според нутриционистката, условно адитивите се поделени во три групи: условно безопасни (обично екстракти од растенија и природни производи), условно опасни (може да наштетат ако се консумираат во големи количества) и опасни адитиви што може да имаат многу негативно влијание врз телото.
– Опасните адитиви вклучуваат, на пример, E230 бифенил – во производството на маргарин, сладолед, слатки, E214 етилпарабен – при приготвување производи од месо, пити, сирења, житни производи за појадок, млечни десерти, постојат и адитиви E103, E105, E111, E121. Некои адитиви од оваа категорија се забранети во Русија – вели Макуха.
Според „СберМаркет“, кошница производи без вештачки адитиви, која вклучува свежо овошје и зеленчук, говедско месо и пилешко, риба, житни производи, ореви и зелен чај, чини руски 2.959 рубли неделно или околу 2.070 денари.