Етика за млади

проф. д-р Кирил Темков

Постарите можат да им кажат на помладите дека идеалите тешко се остваруваат. Исто така, тие можат да им укажат дека животните замисли, колку и да изгледаат добри, не се секогаш најдобар избор. Исто така постарите можат да ги посоветуваат помладите секогаш да имаат резервна варијанта на идеите и целите. Не само поради тоа што тие тешко ќе се случат туку и поради тоа што кај луѓето се менуваат сознанијата и намерите.

Како што растат младите доаѓаат до нови сознанија, а добиваат и лични искуства, кои ги охрабруваат да се видат себеси и своите задачи во поинаква светлина.
Како што расте секој и како што учи, така и се менува, се збогатува, се зголемуваат неговите капацитети.

Уште позначајно е тоа што младата личност израснува од суштество, кое е водено во човек што сам се раководи. Главна цел на етичкото образование е оваа автономија на возрасна личност, сама да ги одредува начелата и нормите на однесувањето. Од ден на ден младиот човек е сѐ поспособен и посилен. Конечно, доаѓа дотаму што етичките решенија зависат од него и од неговите дела.

Секој човек всушност има различни цели и морал што не е еднаков со другите. Меѓутоа, има и нешта што не се различни. Ако станува збор за етиката, единствен е правиот пат по кој треба да одат.

Станува збор за правилноста на моралот. Правиот пат е оној вистинскиот за личноста, како во онаа животна фаза кога постарите ја насочуваат, но и тогаш кога ќе порасне и ќе стане свесна за своите должности и самата ќе одлучува што ќе направи.
Правиот пат во моралот не е само посакуваната насока на моралното дејствување. Тоа е и најдобрата патека по која личноста може сигурно и задоволно да се движи.


Етичка мисла

Каков што е човекот, таков му е и изборот.

Македонска народна пословица