Загреб – Во Хрватска вчера беа отворени гласачките места во вториот круг на локалните избори. Граѓаните избираат 87 општински началници, 56 градоначалници, 14 префекти и градоначалник на Загреб. Освен во Загреб, градоначалник се избира во уште три најголеми хрватски града – во Сплит, Риека и Осиек.
Изборите за градоначалник на Загреб имаат најголема политичка тежина, а трката е помеѓу двајцата најуспешни кандидати од првиот круг – Томислав Томашевиќ и Мирослав Шкоро. Томашевиќ е кандидат на зелено-левата коалиција „Можеме“, а Шкоро е претседател на десноориентираното „Татковинско движење“ и познат пејач. („Индекс“)
Тирана – Според податоците на Управата за цивилно воздухопловство, во текот на првите четири месеци од оваа година, на меѓународниот аеродром во Тирана бројот на патници е помал дури за 60 отсто, во споредба со истиот период во 2019 година. Имено, во периодот јануари-април, 342,8 илјади патници летале од и до аеродромот во Тирана.
Атина – Во новата министерска одлука на грчката влада, граничниот премин Евзони останува да работи со ограничено работно време. Преминот Евзони (Богородица) и натаму ќе биде отворен од 7 до 23 часот (по грчко време), додека преминот Промахонас (Кулата) останува отворен цел ден. Одлуката ќе важи до 7 јуни годинава. („Фактор“)
Бисер балкански
Корупција од навика
– Во нашиот регион постои нешто што во народен јазик се вика „корупција од навика“. Професионално кажано – конвенционална корупција, а тоа се разни видови на давање мито, потплатување, непотизам при вработувањето во јавниот и приватниот сектор, за надминување проблеми во школството, проблеми во здравството. Тоа е корупција на која, за жал, нашите луѓе се навикнаа, освен оние што се директно погодени, и никој веќе не се вознемирува. Корупцијата најде некоја културна поткрепа во народот, има свои историски и политички корени, доста е толерирана, а на одредени структури, политички, економски и криминални, им одговара да постои една толерантна корупција. Со неа, на некој начин, можеме да се справиме без некои големи општествени последици – вели Угљеша Звекиќ, советник во меѓународната организација „Глобална иницијатива за борба против транснационалниот криминал“.