Конго – Илјадници луѓе останаа без домови, а исчезнати се над 170 деца, по ерупцијата на вулкан во Конго. Жителите на Демократска Република Конго се вратија во уништените куќи, а многумина трагаат по исчезнати членови на семејството. Небото сe зацрвенело и река од лава се слевала по планината Њирагонго, каде што и претходно се случувале големи трагедии. Лавата запрела во близината на Гома, град со два милиони жители јужно од вулканот.
Потврдени се најмалку 15 смртни случаи, но бројката најверојатно ќе се зголеми, како што спасувачите ќе стигнат до најтешко погодените области.
На последната ерупција на овој вулкан, кој е оддалечен десетина километри од Гома, загинаа 250 лица во 2002 година, а 120.000 останаа без покрив над главата.
Јапонија – Јапонските власти отворија нови центри за масовна вакцинација против ковид-19 за да вакцинираат што е можно поголем процент од возрасното население пред почетокот на Олимписките игри во Токио, закажан за 23 јули. Јапонија ја забрзува вакцинацијата со оглед дека засега има едно од најниските нивоа на имунизација меѓу развиените земји. Од 125 милиони жители, првата доза од вакцината ја примиле само 4,4 проценти.
Покрај нискиот процент на имунизација, Осака, кој е втор по големина град, во моментов се соочува со бран од нови инфекции со коронавирусот. Лекарите веќе во неколку наврати бараа ново одложување на Олимписките игри.
Италија – Истрагата за падот на кабина од жичницата кај местото Стресо, западно од Лаго Маџоре, ја води обвинителството во регионот Пиемонт. Засега причините за падот се непознати. До несреќата дошло, најверојатно, по кинењето сајла. По падот, кабината, како што се вели, се спуштала по планината и на крајот удрила во дрво. Во кабината, која падна од висина од 15 метри, се возеле 15 лица.
САД – Вашингтон ги осудува принудната промена на правецот на авион на „Рајанер“ и последователното апсење во Минск на новинарот Роман Проташевич, соопшти американскиот Стејт департмент.
Државниот секретар Ентони Блинкен во соопштението побара новинарот да биде веднаш ослободен.
– САД одлучно го осудуваат принудното менување на правецот на летот на авионот меѓу две земји-членки на ЕУ и последователното симнување и апсење во Минск на новинарот Роман Проташевич. Бараме негово итно ослободување – изјави Блинкен.