СРБИЈА
Граѓаните на Србија сѐ повеќе се одлучуваат да купат некоја недвижност во приморските места во регионот отколку секоја година да изнајмуваат луксузни апартмани или хотелски соби. Во 2019 година секој трет купувач на недвижност во Црна Гора бил од Србија. Овој тренд се продолжува и по периодот на престанување на епидемијата на ковид-19, што се најавува за летнава сезона. Покрај Црна Гора, српските граѓани се заинтересирани да купат недвижност и во другите земји.
Недвижностите во Хрватска, поради сложената бирократска процедура за преносот на имотот, се помалку застапени во огласите на социјалните мрежи во кои се нудат станови и апартмани за српските купувачи. Но затоа во Грција купувањето станови и апартмани е добар бизнис за српските граѓани.
На огласите што можат да се најдат на онлајн огласите, стан од 37 квадратни метри на Халкидики се продава за 64.000 евра или 1.700 евра за квадрат. Во Ханиоти се продава стан за 1.500 евра за квадрат. Стан со три соби од 95 метри квадратни со базен чини 140.000 евра.
Во Олимпик Бич стан од 45 квадрати се продава за 50.000 евра, а во Катерини (Паралија) квадратот чини 1.000 евра. Во Солун просечната цена е околу 1.500 евра за квадрат.