Традиционално, како и во изминатите 39 години, во неделата пред просториите на детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ во Битола, свечено беше отворено 40-то јубилејно издание на „Малиот битолски Монмартр 2021“ и 39-та Меѓународна изложба на детски ликовни творби „Битола 2021“.
Исто како и изминатата година, и годинава поради пандемијата манифестацијата ќе биде без учество на децата од целиот свет, кои го разубавуваа градот на крајот од мај, но, за жал, го нема и идејниот творец на оваа меѓународна манифестација, Коста Хаџи Антоновски, кој почина пред роденденот на детското ликовно студио.
И годинава, според Елена Хаџи Антоновска, неговата ќерка, „Малиот битолски монмартр“ достојно ќе го прослави овој јубилеј, ќе има гости, вакцинирани против ковид-19, а се очекува да пристигне и добитникот на гран при.
– Она што сите нѐ растажува непосредно пред ова јубилејно издание, е тоа што пред скоро време го изгубивме таткото на „Малиот битолски монмартр“, таткото на сите деца љубители на ликовната уметност, исто така и мојот татко, кој, за жал, за многу малку не го дочека ова јубилејно издание. Но сега јас сум тука, сите соработници, пријатели, вљубеници во уметноста, учесниците, гостите да ја продолжиме неговата мисија достојно и гордо, и да го разубавуваме во иднина – порача Хаџи Антоновска.
Во понеделникот, на 24 мај, се одржа изложба на отворено во паркот пред Саат-кулата во Битола, а се очекуваше и активна вклученост на граѓаните во сликањето на големото платно за јубилејот на „Монмартр“.
Вчера од 12 до 18 часот имаше целодневна поставка на слики во новата пешачка улица во Старата битолска чаршија, а денеска во 19 часот ќе има и изложба на дела во „Порта џез“.
Свеченото затворање на „Малиот битолски Монмартр“ ќе биде на 27 мај од 12 до 14 часот со час по ликовно на отворено во екоделот на Градскиот парк, со децата од градинките и основните училишта, заедно со своите ликовни ментори од Битола.
Министерството за култура и Општина Битола ја поддржаа манифестацијата и годинава.