Лични творби за Светите Кирил и Методиј од учениците во ООУ „Рајко Жинзифов“ во Драчево – Скопје
Во поштенското сандаче на „Колибри“, на наша голема радост, пристигна проектот на учениците од основното училиште „Рајко Жинзифов“ во Драчево, Скопје, што го реализираа со нивната наставничка по македонски јазик Елена Ристевска. Во продолжение можете да прочитате дел од творбите, со кои овие млади таленти нѐ потсетуваат на значењето на овие неуморни учители и културни дејци за македонскиот и за сите словенски народи
Св. Кирил и Методиј
Словенските браќа тргнале
на мисија света,
иако биле под секаква мета.
Создале азбука вредна
која ја води секоја генерација следна.
Тоа било тешко време,
но тие за словенскиот јазик
посадиле ново семе.
Со желба и без мака
на словенскиот народ
му подале рака.
Сега сите ние ги знаеме
по нивните чудесни дела
и ги славиме до ден-денес
низ нашата земја цела.
Александра Андонова 9-в одделение
Тие наши просветители
Тие наши просветители,
ја напишале првата азбука
ГЛАГОЛИЦА.
Секогаш во училиштата
красат по една полица.
Тие наши просветители,
имаат заслужена слава.
А пак нивниот ден,
се прославува неделава.
Тие наши просветители,
што станале мисионери
во христијанството.
Први го засликаа и заблескаа
македонското литературно царство.
Тие наши просветители,
до последен здив се труделе за нас
и на крајот оставиле
посебен значаен украс.
Тие наши просветители,
ја запишале нашата иднина.
Со нивното знаење,
направиле вештина.
Тие наши просветители,
имаат имиња значајни.
Со нивните раце, напишале
букви трајни.
Матеа Николова 8-г одделение
Кирил и Методиј
Словенските браќа за нас
прекрасно нешто направија,
азбука создадоа и
наследство ни оставија.
Таа азбука ја
нарекле глаголица,
деноноќно работеле на неа
за во целост луѓето да ја изучат
и да можат истите тие
своите потомци да ги обучат.
Затоа денес во црквите
со своите ореоли
посебно место заземаат,
а и празник
во нивна чест
си имаат.
Јана Стамкова 7-г одделение
Апостоли на Словените
Браќата Кирил и Методиј
дојдоа на овој свет,
како апостоли на Словените,
го обоија во бои нашиот светоглед.
Во историјата секогаш
ќе ги паметиме како луѓе
со добри души,
ова чувство никогаш нема да се сруши.
Ни дарија слово и азбука
и станаа славни,
познати се нивните дела,
на мисии одеа
и народи по себе со дела водеа.
Како апостоли словенски ги знаеме
сите ги славиме низ векови
и низ дните.
Гордост наша словенска,
радост македонска,
извор на писменост се тие
и никој тоа не го крие.
Цркви и манастири
нивно име носат,
верници од цел свет за здравје молитви во нивно име просат.
Светите браќа и нивните дела
секогаш ги празнува земјава цела.
Софија Богдановска 8-г одделение
Словенските браќа
Славни словенски браќа
азбука создале света,
глаголица име ѝ дале
и на верност се заколнале.
Тие,
Кирил и Методиј се викаа,
гордост и доверба
кај секого предизвикаа.
Вероника Анѓеловска 7-г одделение