Голем дел од научната фела јавно го поставува прашањето зошто државата не ги доделува овие значајни признанија, како што се наградите „11 Октомври“, „Свети Климент Охридски“, „Гоце Делчев“ и други. Која е причината за тоа? Дали станува збор за неодговорност на институциите? Дали причината е пандемијата или, пак, станува збор за административни причини? Има ли некаква политичка заднина во сето ова? „Нова Македонија“ контактираше со многумина од добитниците на овие награди во минатото. Но некои од нив не сакаа јавно да коментираат, со образложение дека причините не им се познати. Но, секако, тие нагласуваат дека „откажувајќи се од таквите нешта, Македонија е во опасност постепено да се откаже од себе“…
Две години по ред Македонија не ги доделува државните награди
Втора година по ред изостанува доделувањето на државните награди воспоставени преку Министерството за култура и преку Министерството за образование, како признание во неколку значајни општествени области. Иако станува збор за изградена децениска традиција, која е од големо значење за научниците, уметниците и општествените работници, таа како да се напушта.
Голем дел од научната фела јавно го поставува прашањето зошто државата не ги доделува овие значајни признанија, како што се наградите „11 Октомври“, „Свети Климент Охридски“, „Гоце Делчев“ и други.
Дали станува збор за неодговорност на институциите? Дали причината е пандемијата или, пак, станува збор за административни причини? Има ли некаква политичка заднина во сето ова?
Ова се некои од прашањата што општествените фактори јавно ги поставуваат и очекуваат јасен одговор од институциите.
Од Министерството за култура велат дека мандатите на одборите за доделување на државните награди „11 Октомври“ и „Свети Климент Охридски“ се истечени. – Од тие причини, а заради навремено реализирање на постапките за доделување на наградите во 2021 година, Министерството за култура веќе има доставено барање до Собранието на РС Македонија за именување претседатели и членови на одборите за доделување на државните награди.
Инаку, во согласност со членот 12 од Законот за државните награди („Сл. весник на Република Македонија“ бр. 52/06), претседателите и членовите на одборите ги именува Собранието на РС Македонија од редот на истакнати лица од областите за кои се доделуваат наградите, со мандат од две години -информираат од Министерството за култура.
Од Министерството за образование велат дека постапката за доделување на наградата „Гоце Делчев“ е целосно завршена. Добитниците ќе добијат статуетки и признанија, но не и свечена церемонија. Причина е ситуацијата со пандемијата.
– Единствено церемонијата на која вообичаено се доделува наградата во просториите на Собранието нема да се одржи поради ситуацијата со пандемијата. Сепак, за сите добитници се подготвени статуетки и признанија и тие ќе им бидат доставени – велат од МОН.
„Нова Македонија“ контактираше со многумина од добитниците на овие награди во минатото. Но некои од нив не сакаа јавно да коментираат, со образложение дека не ги знаат причините, но се надеваат дека пандемијата е главниот виновник за ваквите случувања.
Во Македонија одамна се избришани мериторните правила со кои се цени објективниот квалитет
Љупчо Коцарев, претседател на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), во колумна на „Нова Македонија“ ги изнесе своите гледишта за актуелните предизвици во сите сегменти на македонското општество, низ призмата на случајот со неврачената награда „Гоце Делчев“.
– Денес живееме во време на експанзија на науките, во ера во која науката стана главен лост, argumentum ad veritatem на развојот и напредокот на современите општества. Но не и на македонското општество. За статусот на науката и образованието во Македонија пишувале многумина, биле организирани голем број трибини, тркалезни маси и разговори. Сепак, еве, да кажам и јас некој збор, оти, нели, „секој спрема својата ука“. Без разлика на тоа што „од секогаш сум мислел за излишноста на зборот, дека најмалку го трога тој онега што му е упатен“. Тоа ќе се случи и овој пат, најмалку ќе бидат трогнати оние на кои им се упатени овие зборови, а тоа се креаторите на политиките во Македонија. Научноистражувачката дејност е целосно маргинализирана и сведена под неопходниот минимум. Појавата на квазинаучни трудови, трудови што се целосно плагијати, купени магистерски и докторски тези, сведочи дека во Македонија одамна се избришани мериторните правила според кои се цени објективниот квалитет. Долго време верував дека тоа што се случува во Македонија, особено во секторот образование и наука, е од неукост. Но денес не мислам така. Секторот образование и наука е системски, планирано и намерно уништуван со години. Сервилноста и желбата за владеење, политичкиот пазар, ароганцијата и алчноста, дополнета со незнаењето и неспособноста на политичарите, веќе неповратно доведоа до дно на дното, состојба од која враќањето назад е речиси невозможно – посочи тој.
Откажувајќи се од историјата, Македонија е во опасност да се откаже од себе
Академик Катица Ќулавкова, пак, ја поставува тезата што го сочинува идентитетот на Гоце и прави тој да биде неотуѓив дел од македонското културно-историско наследство.
– Ние, Македонците, сме преморени од идентитетски оспорувања. Ние сме показател дека токму оние делови на идентитетот што се предмет на оспорување ја претставуваат најбитната идентитетска одлика. Колку повеќе се оспоруваат македонското потекло и духовност на Делчев, толку повеќе се зацврстува неговото место на пиедесталот на националните симболи. А симболот е моќен наратив. Тој е зипуван архив на сѐ битно за една културна и национална историја. Штом се отвори тој културно-историски архив, се отклучува колективната свест, а тоа создава критична маса и волја да дојде до пресврт во општественото уредување. Симболите не постојат за политичарите да парадираат со нив или за да се пазарат со историјата. Откажувајќи се од историјата, Македонија е во опасност да се откаже од себе. На прагот на една неповратна схизма. Поткопаниот идентитет ја поткопува нацијата, првин формално, потем стварно. Не сакаме таква стварност, нели? – посочува Ќулавкова.