Фото: Маја Јаневска-Илиева

Современиот пристап во наставните содржини вклучува лекции за инклузивност и намалување на стереотипите, а истовремено европски принцип е и религискиот светоглед како сегмент за јакнење на моралните вредности на децата. Тие две начела во современите европски образовни системи одат заедно. Изучувањето, на пример, на историјата на религиите, поединечно или со компаративен приод, нивните морални и етички вредности и основи, е добра појдовна точка за барање модели што на децата ќе им овозможат мултиперспективен поглед при едукацијата

Новиот концепт на образование и религиските содржини како повод

Реформите на образовниот систем се комплексен процес, кој како крајна цел треба да има повисок квалитет на образование и едукација на децата на ниво на таканаречените европски стандарди. Во тој процес на реформи се потребни анализи во кои ќе бидат вклучени сите засегнати страни, за да се најде најсоодветен модел. На пример, дигитализацијата како развојна компонента, секако, не ја исклучува печатената форма на учебниците, но дали европскиот пристап во наставата, треба да ја исклучува религиската компонента?
Овие дилеми се дел од суштинската дебата за реформи во образованието и ако се гледаат еднострано, тогаш може и еднострано да се влечат заклучоци.
Но во реалноста дигитализацијата и воведувањето електронски учебници се европски тренд, кој, секако, треба да го следи и Македонија. Важно во тој процес е да се постигне комбиниран модел, кој ќе вклучува и дигитализација и печатена форма на материјали за учење. Европски тренд е и современиот пристап во наставните содржини, во кои треба да се вклучени лекции за инклузивност и намалување на стереотипите, но и религискиот светоглед како целокупност од погледи и претстави за тие прашања, во функција на моралните вредности на децата. Тие две начела во современите европски образовни системи одат заедно. Изучувањето, на пример, на историјата на религиите, поединечно или со компаративен приод, нивните морални и етички вредности и основи, е добра појдовна точка за барање модели што на децата ќе им овозможат мултиперспективен поглед при едукацијата. Токму во таквиот контекст треба да се отвораат и прашањата за образовни модели што на децата ќе им овозможат мултиперспективен поглед при образованието.
то е важно, а што не е?

Во организација на фондацијата „Конрад Аденауер“ и во соработка со Асоцијацијата на професори по етика во религиите беше одржана дискусија на тема „Религијата во образованието – Зошто е важно?“.
Учествуваа триесетина учесници, професори по предметот Етика во религиите, и беше добра можност да се слушнат нивните ставови за придобивките од верското образование и статусот на самиот предмет во пресрет на најавените реформи во образованието.
Проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски, декан на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“, вели дека сегашниот проблем е во промовирањето и интерпретирањето на секуларноста како бришење и отстранување на религијата од јавниот простор, па и во образованието. При таквата антирелигиска поставеност, свесно или несвесно, се отстрануваат ресурсите што може значително да придонесат во одржувањето и унапредувањето на нашето општество, такво разнобојно какво што е.
– Потребата од религиска едукација е уште поголема кога станува збор за земја со повеќе религиски традиции, како што е нашата. Оттаму и потребата од меѓурелигискиот и меѓукултурниот дијалог, чија важност денес никој не ја оспорува. Но се поставува прашањето дали сум јас подготвен да стапам во таков дијалог и да се запознаам со верувањето и традицијата на другиот, ако не ги познавам своето верување и традиција. Во тек е интензивно имплементирање нова концепција во основните училишта, при што единствениот предмет што досега се изучуваше само една година, Етика во религиите, исчезна од наставниот план. Од друга страна, пак, голем број проблематични содржини, спротивни на верувањето и светогледот на граѓаните на оваа држава се инкорпорираат во сите наставни програми и планови. Станува збор за концепција заснована врз, како што велат, „европските вредности“, во име на инклузивноста, родовата рамноправност, мултикултурализмот, која промовира „едно општество за сите“, во која нема место за верата и религијата. Оваа тема за потребата од религиската едукација во основните училишта е од огромно значење, затоа што дава основа и остава простор да се иницира темата, кои се можните начини и патишта за демократско решавање на ова прашање и во Македонија, имајќи ги предвид како актуелните закони, така и историјата со религиската едукација во образованието во нашата земја – посочува Ѓорѓевски.

Образованието е засновано и неразделно од моралот и етиката или, со други
зборови, од воспитувањето

Сестра Ефимија од манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во Рајчица и коосновачка и координаторка на Асоцијацијата на професори по Етика во религии, вели дека сфаќањето на земјите-членки на Европската Унија во поглед на религиското образование е дека тоа треба да им овозможи на учениците да постигнат знаење и разбирање за влијанието на религиите во животот на луѓето и општествата, да придонесе за духовниот и морален развој на учениците, да развие свест кај нив за фундаменталните прашања за животот, да ги поттикне да истражуваат, размислуваат и да дадат одговори на таквите прашања во светло на големите светски религиски учења и етички традиции.
– Религиското образование на ученикот треба да му се овозможи разновидно идеолошко образование, на таков начин што тој ќе се запознае со сопствената религија и нејзиното културно наследство, за да добие мотивација да формира личен поглед кон животот. Ученикот, преку знаењето во областа на различните системи на вредности и верувања, треба да се стекне со способност да ги прифати различните од него и да гради соживот со нив во мултикултурното општество, да преземе одговорност за иднината и да влијае врз одлуките донесени во општеството, да се оспособи за етички одговорен живот. Она што нас овде нè интересира е неизвесноста околу опстанокот на предметот Етика во религиите во училиштата низ земјава, односно дали тој во некоја друга форма или модел ќе се најде во новиот концепт за образование. Станува збор за единствениот наставен предмет што десет години се предава како изборен предмет во шесто одделение и кој во себе ги инкорпорира сите битни сегменти, воспитанието преку етиката на религиски системи и запознавањето со религиските култури и традиции карактеристични за македонското поднебје -посочува таа.
Според неа, битен фактор во неизвесната судбина на тој предмет е токму непознавањето на тие религиски култури и традиции.
– Зошто? Со години зборуваме за заштитата на правата и слободите на човекот, односно на учениците, меѓутоа како да не ни успева да се (ги) заштитиме од нас самите, конкретно од нашата неедуцираност на религиозен план. И додека европските земји се соединуваат во своите концепти за што поголема застапеност на религиите во својот систем на образование за полесно надминување на општествените проблеми и девијации, како и прифаќање на различностите, ние формираме концепти со кои и она малку што го имаме го исфрламе. Апсурд! – заклучува сестра Ефимија.

Уставот и наставните содржини со религиски карактер

Д-р Александар Спасеновски, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“, вели дека низ призма на ставовите на Уставниот суд може да се заклучи дека државата, како секуларна, односно неутрална во образованието не смее да презема обврски што се во надлежност на верските заедници и религиозните групи.
– Тоа значи дека изучувањето конкретни аспекти на една вероисповед е надлежност на верските заедници и религиозните групи. Од друга страна, пак, тоа не значи дека државата нема право да воведе во основното образование предмет што од секуларен (неутрален) аспект би се занимавал со прашањето на религиите. Тргнувајќи од овој факт, беше воведен како изборен предметот Етика на религиите за учениците од петто одделение, кој од секуларна гледна точка ги изучува моралните аспекти на признаените вероисповеди со Уставот на РМ. Како што видовме, во најновата историја, клатното на секуларноста во областа на верското образование во јавниот образовен систем постојано се поместуваше. Сепак, се чини дека беше постигнат одреден баланс со тоа што државата им излезе во пресрет на потребите на граѓаните за изучување на религиите во основното образование, но на начин на кој не се загрозува уставно утврдениот концепт на одвоеност на државата од верските организации. Меѓутоа, 12 години подоцна, повторно се случуваат бранувања што ги вадат на површина старите расправи – посочува професорот Спасеновски.