Повик за соработка: Училишна пошта
Драги деца, наставници, родители, вашиот пријател „Колибри“ ве повикува крајот на оваа чудна пандемиска година да го претвориме во соработка, креативност и дружење.
Еве што треба да направите: едно училиште одбира друго во земјава и му испраќа поздрави напишани од вредните детски рачиња: состави, песнички, цртежи, желби, предлози за некоја идна средба, соработка, заеднички проект. Творбите се праќаат во плик, на адресата на училиштето, а ни се праќаат и нам онлајн, да ги објавиме на нашите страници. Училиштето на кое му се упатени, по сопствен избор му ги праќа своите творби на друго училиште. Така ќе се направи една мрежа од убави желби, креативност и позитивна енергија низ цела Македонија.
Наша препорака е да нема повеќе од 30 дела, да не се многу долги, зашто, нели, најбитна е желбата да се допре со креативност до свое другарче во друг град, село, друго училиште.
Искрено се надеваме дека со раширени раце ќе го прифатите овој наш предлог, а ние со големо задоволство ќе ги објавуваме личните творби и ликовни дела на вредните ученици.
Би било убаво и да ни пратите фотографии, за да бидеме барем за миг со вас!
А сега нека почнат подготовките за креативна соработка меѓу училиштата и нека се полни со љубов „Училишната пошта“!
Ве сака вашето „Колибри“