Фото: Игор Бансколиев

Од Државниот испитен центар велат дека тестовите веќе се отпечатени и се пакуваат, а останува да се отпечатат уште за предметите Етика и Естетика, како и тестови за предметите од уметничките насоки

ПОЗНАТИ ПРАВИЛАТА ЗА ПОЛАГАЊЕ ДРЖАВНА МАТУРА ВО УСЛОВИ НА ПАНДЕМИЈА

Кандидатот што ќе полага државна матура со себе треба да понесе пенкало што пишува сино, како и други средства предвидени со испитната програма за соодветниот предмет, стои во Правилникот за полагање државна матура. Во документот се посочени и правилата во однос на денот на полагање, за да знаат и тетстаторите и кандидатите како да се однесуваат додека трае тестирањето. Според планот, матурантите мајчин јазик ќе полагаат на 29 мај.
– Просториите во кои се полага испитот треба да бидат подготвени за полагање најмалку 12 часа пред започнувањето на испитот. Од училниците треба да бидат отстранети сите наставни помагала и учебници. Растојанието меѓу двајца кандидати не треба да е помало од 1,5 метар. Сите клупи треба да бидат свртени во иста насока. За секои 15 кандидати ќе има по еден тестатор. Просториите треба да се доволно пространи, светли и прегледни. Кандидатот треба со себе да има документ за идентификација – лична карта, патна исправа или ученичка легитимација со фотографија и печат од матичното училиште. На кандидатот што заборавил да понесе документ за идентификација му се овозможува да го полага испитот, по што се известуваат родителите/старателите на кандидатот, кои треба најдоцна 30 минути пред крајот на тестот да го донесат документот за идентификација, во спротивно не му се признава испитот на кандидатот – пишува во Правилникот.
Кандидатите со себе треба да носат прибор за пишување (пенкало што пишува сино) и други средства што се предвидени со испитната програма за соодветниот предмет. За време на испитот тестаторот и кандидатите не треба да носат мобилни телефони и други електронски направи.

На кандидатот што задоцнил повеќе од 15 минути не му се дозволува да полага. За време на испитот, кандидатот може да ја напушти просторијата, но не повеќе од пет минути, заедно со некој од резервните тестатори. Просторијата не може да ја напушти повеќе од еден кандидат во исто време од групата кандидати за кои е одговорен еден тестатор. Кандидатот може во секое време да го заврши испитот. Оценувањето го вршат оценувачи и обучувачи од Државниот испитен центар, а се од редот на средните училишта што реализираат настава по предметот што се оценува – пишува во еден од членовите во Правилникот.
Надлежните предвиделе и казни во случај да има нарушување на процесот на полагање испити.
Ако се нарушат правилата за полагање на испитите, има мерки што се степенувани – прво има опомена, па прекинување на испитот (отстранување од испит), како и поништување на сите екстерни испити и забрана за полагање во следниот испитен рок. Кандидатот добива опомена ако поседува хартија, телефон и други електронски направи, ако пишува недолични знаци во тестот и ако разменува информации поврзани со испитот. Ако кандидатот го повторува тоа, тогаш ќе биде отстранет од полагање. Од испит се отстранува кандидатот ако препишува, ако дозволува сопствениот труд да го користи друг кандидат.

Испитите се поништуваат ако кандидатот полага наместо некој друг, ако не го предава целиот испитен материјал (тест-книшката и листата со одговори), како и во случај ако им се заканува на тестаторите и се обидува да го прекине испитот – наведено е во Правилникот.
Елизабета Наумовска, директорката на Државниот испитен центар, вели дека тестовите веќе се отпечатени и се пакуваат.
– Останува да се отпечатат уште за предметите Етика и Естетика, како и тестови за предметите од уметничките насоки. Ќе стигнеме да биде сѐ навреме. Планирам да ги потсетам директорите да почнат да ги подготвуваат интерните испити. Базенот на прашања веќе е објавен. Прашањата дали ќе се лесни или тешки е релативно. Ние како ДИЦ побаравме да се има разбирање и да нема трик-прашања и да нема премногу ситничарења, туку да се видат генералните знаења на матурантите – вели Наумовска.


Мајчин јазик на 5 јуни

Екстерните испити од државната матура во јунската испитна сесија во 2021 година ќе се реализираат во неколку термини. На 5 јуни учениците ќе полагаат тест по македонски јазик и литература, албански јазик и литература или Турски јазик и литература. На 11 јуни се полага англиски јазик, француски јазик, германски јазик или руски јазик. На 11 јуни се полага и естетика, филозофија, хемија, физика, биологија, историја, социологија, бизнис, информатика или географија. На 14 јуни се полага математика. Сите испити се со почеток во 10 часот.