Атина – Од вчера Грција ги отвори своите граници за туристи од сите земји, вклучувајќи и од Македонија, а за влез е потребна потврда за вакцинација, за прележан ковид-19 или негативен ПЦР-тест. Туристите е неопходно 24 часа пред планираното време за влез во Грција да се најават на посебна веб-страница. Треба да се наведат детална информација од каде се тргнува, адресата на престој и колку време претходно заинтересираниот за влез во Грција престојувал во трети земји. За семејства се пополнува само една пријава, а ќе мора да се покаже и мејлот со кјуар-кодот. („Мета“)
Загреб – Во Хрватска продолжува трендот на пад на бројките на новозаболени од коронавирус. Во последните пет дена во однос на просекот од минатата недела има пад за 37 отсто. Во ЕУ, Хрватска е на 22-то место од 27 земји. Досега со една доза се вакцинирани 980.000 граѓани. Досега има повеќе од 3.000 пријави на нуспојави, повеќето од „Фајзер“, затоа што таа вакцина најмногу се употребува. На „Модерна“ има 244 пријави за нуспојави. Од сите пријави, 19 се сметаат сериозни. („Јутарњи лист“)
Софија – Бугарија е меѓу земјите на ЕУ со најмала доверба во својата национална влада за справување со пандемијата. Таа се наоѓа на дното на листата со 2,7 поени (од 10 можни), помеѓу Полска (2,1), Хрватска (2,5) и Чешка (2,9). Ова го покажува нова студија на Европската фондација за подобрување на условите за живот и работа , наречена „Живот, работа и ковид-19“. Бугарија е земја во ЕУ каде што луѓето не сакаат да се вакцинираат, покажува студијата. Вкупно 61 процент од анкетираните Бугари наведуваат дека е малку веројатно да бидат вакцинирани или дека нема да бидат вакцинирани. („Локално“)
Бисер балкански
Нонпејпер и за Словенија
– Вашиот нонпејпер сите нѐ шокира и предизвика бура кај нашиот политички врв и граѓаните на БиХ. Никому не му е јасно зошто Словенија си зема за право да ги прекројува границите и внатрешните уредувања на другите држави, во овој случај БиХ, Косово, Албанија и Македонија. Дали е тоа е ваш проект за уредување на земјите од Западен Балкан во недостиг од идеи за политичко дејствување во текот на словенечкото претседавање со ЕУ? Ако тоа е условот за придружување во ЕУ на земјите од некогашната заедничка држава СФРЈ, во кои има слични проблеми, тогаш требаше да предложите одвојување на Војводина од Србија, Далмација од Хрватска, а Словенија да ѝ го отстапи Пиранскиот Залив на Хрватска и да бара припојување на Карантанија од Австрија – реагира на Азра Јагањац, ОН-експерт и амбасадор на Зелена хемија и Зелено инженерство, во отвореното писмо до словенечкиот премиер Јанез Јанша, кое беше објавено во „Ослобоѓење“, по повод нонпејперот од словенечката влада за прекројување на границите на Балканот.