Еве, јас барам да се исфрли зборот бело. Затоа што од него се вадат формите белчо, бели, белоглав, а тоа се зборови што цел живот ми ги дофрлаат оти сум албино. Ме вреѓа, бре. Барам да се најде политички коректна замена за бело. Може да се користи нецрно. „Нецрното Ромче“, на пример. Или „Нецрни мугри“. Песната „Црно-нецрни свијет“. Филмот „Кад будем мртав и нецрн“. Ама, па, и црнците во последно време имаат проблем со зборот црно
Дојде на ред и кутрата Снежана. Прво маќеата ѝ се намерачи поради убавината. Го натера ловецот да ја убие в шума. Среќа, тој се смилува. Ама маќеата дозна дека е жива. А маќеава, вештерка. Се преправи во баба. Со себе зеде отровно јаболко. Ја најде кај џуџињата. Снежана го зеде јаболкото, гризна и умре. Џуџињата ја ставија во стаклен сандак. Ама доаѓа принцот. Само тој може со бакнеж да ја разбуди од смртта. За да живеат среќно до крајот на животот.
Е, нема да живеат среќно. Затоа што не може да дојде некој таму принц и да ја бакне без да ја праша дали сака да биде бакната. Има ли Снежана право на избор? Ја прашал ли некој дали сака да биде залапана? Затоа ќе му се забрани на принцот да ја бакне. Море најдобро е да се забрани целата приказна.
Смешно? Мене не ми е. Неолибералните лудаци ја забрануваат Снежана. Бакнежот е проблем. Снежана не дала дозвола да биде бакната. Каков само феминистички булшит. А веќе ги забранија Дамбо и Петар Пан поради наводен расизам. Лудите неолиберали ја цензурираа и „Пипи Долгиот Чорап“. Расизам, секако. Откако веќе го забранија творот Пепе. Тој ги вознемирувал жените.
Што ли ќе забранат следно? Црвенкапа? Сигурно таа е на ред. Или можеби не. Црвенкапа промовира транссексуалност и тоа веројатно е океј. Па, нели волкот, откако ќе ја изеде бабата, се облекува во нејзината облека. Волкот е дрегквин. Ама тука може да кренат глас здруженијата за заштита на животни. Црвенкапа го полни стомакот на волкот со камења и тој се дави во бунар. А Ивица и Марица? Што ако излезат луѓето со дијабетес и кажат дека куќичката од слатки ги вознемирува? Или Пепелашка. Чиста мизогинија. Говор на омраза спрема жените. Приказната сака да каже дека една жена не може сама да стигне до статусот принцеза. Мора да има добра вила за да ѝ помогне. Демек жената сама по себе е неспособна. И ете ги феминистките на бунт против Пепелашка.
Не ни сакам да помислам што ќе се случи со „Волшебникот од Оз“. Невладиниот сектор ќе се препознае во плашилото без мозок. Страшна работа. Квентин Тарантино веќе се соочува со напади од хистерични активистки. Во филмовите имал многу насилство врз жените. Дури и Шекспир е под опсервација. Се пенават прогресивните за неговиот наводен расизам. Кај и да е, чекам атеисти да му се нафрлат на Достоевски. Том Соер и Хак Фин сигурно ќе бидат забранети. Индијанецот Џо е негативец. Побегнатиот роб, добар е, ама малку приглуп. Марк Твен сигурно промовира бела надмоќ. Сеедно што тој е токму спротивното… антирасист. Ама станува збор за неолиберална безумност. Па, тие мртви ладни го исфрлаат Линколн од историја. Претседателот што укина робовладетелство. Го осквернавија музејот на првата црнечка дивизија од граѓанската војна. Срушија споменик на генерал што се борел против Кју Клукс клан. А се претставуваат за антирасисти и антифашисти.
Го изгледав клипот со оној кутар млад човек по повод 9 Мај, Ден на победата над фашизмот, киднапиран од страна на ЕУ и наречен Ден на Европа. Вчудовидено зјапав во ликот што ѝ се лигави на Европа, па на разни јазици ѝ кажува „те сакам“. Потоа безумноста ми стана нормална. Се сетив на еден друг лик што ја нарекува Унијата сексапилна дама. Старата вавилонска роспија секогаш знаела да привлече духовно импотентни муштерии. Тие постојано, како расипана плоча, повторуваат европски вредности, европски вредности. Под европски вредности се подразбираат вредностите на западната цивилизација.
Тие европски вредности се вирус. Вирусот се рашири преку три форми: империјализам, колонијализам и робовладетелство. Потоа вирусот мутира. Неговите нови форми се нарекоа нацизам, фашизам и комунизам. Три различни мутации на истиот европски вирус. Во денешни дни ја доживува третата мутација. Нацизмот, фашизмот и комунизмот мутираат во прогресивен неолиберализам, окупацијата стана администрација, а безумноста, нова нормалност. И оваа нова мутација стана пандемија. Насила ги наметнува своите „вредности“. Преку политичка коректност и говор на омраза, замолчуваат неистомисленици. Бришат историја зашто историјата треба да почне од нив. Со цензура сакаат да ја изопачат стварноста.
Јас одамна предупредувам. Уште кога почнаа да забрануваат хумор обвинувајќи го за говор на омраза. Чашата ја прелеа нападот врз ремек-делото „Фаличен пансион“. Мене ми е совршено јасно што се случува. Се враќа времето на забрането мислење, мечтаење, креирање. Нацихистерици повторно ќе палат книги на кладата на политичката коректност. Фантазијата ќе оди на робија во неолибералниот Гулаг. Битката со нив за мене е света војна на слободната мисла против изопаченоста на политичката коректност. Како што ми беше јасно дека обоените револуции се марионетска алатка на моќта, вклучувајќи ја и оваа шарената (во муртинскиот речник на синоними: шуто и рогато), која доведе до идентитетски холокауст, така ми е јасно дека борбата против СС-дивизиите на прогресивната инквизиција е должност на секое човечко битие. Затоа и во иднина планирам да им дадам повод за говор на омраза против мене, што тие, секако, ќе го наречат слобода на говор или љубов спрема омразата кон Русјаков.
Еве ги кај нас му се навртеа на речникот. Имало во него зборови што вреѓале поединци и групи. И бараат да се исфрлат. Ај што овие испраниве во неолиберална ен-џи-о варикина бараат, ама дел од професориве што го уредувале речникот тргнаа стварно да исфрлаат. Каква само навреда за јазичарите во светот. Таму некаде во Нордистан има кутри битија со титула професор што слушаат ен-џи-о хистерици и цензурираат речници. И како може оној што уредува Оксфордски речник и овој тука што цензурира да бидат колеги?
Еве, јас барам да се исфрли зборот бело. Затоа што од него се вадат формите белчо, бели, белоглав, а тоа се зборови што цел живот ми ги дофрлаат оти сум албино. Ме вреѓа, бре. Барам да се најде политички коректна замена за бело. Може да се користи нецрно. „Нецрното Ромче“, на пример. Или „Нецрни мугри“. Песната „Црно-нецрни свијет“. Филмот „Кад будем мртав и нецрн“. Ама, па, и црнците во последно време имаат проблем со зборот црно. Е па, и црно да се забрани. Нема веќе црно-бело. Најдете некоја кретенска замена како родител 1 и родител 2. Боја 1 и боја 2. Боја што ги содржи сите бои и боја во која отсуствуваат сите бои. И почнуваш роман… беше средина на септември, ромско лето, кога таа, чувствувајќи се како последна комерцијална сексуална работничка, облечена во боја што ги содржи сите бои здолниште, застана спроти домот на својот родител 1, додека од отворениот прозорец трешти „Драга, не биди хомосексуалец“…