Ова е втора година по ред како трите специјализирани летала за гаснење пожари „канадери“, наречени ер-трактори, набавени во 2010 година, се приземјени, а причина за тоа се нивното сервисирање и скапото одржување
Како што се затоплува времето растат и стравувањата од евентуални пожари, кои вообичаено напролет и налето избувнуваат и опустошуваат голем дел од нашето шумско богатство. Добро упатените велат дека најуспешен механизам за гаснење на огновите на тешко достапните планински предели се токму противпожарните авиони. Меѓутоа, оваа година за разлика од минатите, Македонија се чини ја дочекува сезоната неподготвена за ризиците од огновите. Имено, во шумскиот пожар што се случи во Галичник за време на велигденските празници не беа вклучени авионите за гаснење пожар, бидејќи Македонија во моментов нема ниту еден исправен авион за таа намена. Ова е втора година по ред како трите специјализирани летала за гаснење пожари „канадери“, наречени ер-трактори, набавени во 2010 година, се приземјени.
Првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Бесим Максути, вели дека постапката за избор на фирма што ќе ги сервисира леталата е во тек и се надева дека до критичните месеци, кога има најмногу пожари, авионите ќе бидат ставени повторно во функција.
– Тие не се сервисираат во земјата, а би сакал да споделам дека уште пострашно е што во досегашната практика се појавува само еден оператор, кој од година на година ги зголемува побарувањата, кои се надвор од буџетските средства што Дирекцијата ги има. Ние секоја година од операторот добиваме поголемо побарување за 30-40 отсто. Ни одат премногу средства, а не добиваме навреме сервисирани и готови авиони за гаснење пожар – вели Максути.
Во меѓувреме, Дирекцијата во април годинава распишала тендер за поправка и сервисирање на авионите, а проценетата вредност за реализација на оваа набавка изнесува 25 милиони денари (околу 400 илјади евра) со вклучен ДДВ, за период од една година. Буџетот на ДЗС за оваа година изнесува 4,5 милиони евра. Имено, Владата на 68-та седница, одржана на 4 мај, донела заклучок од Бирото за јавни набавки да се побараат насоки за најдобро и применливо решение за спроведување јавна набавка во скратени рокови во интерес на спроведувањето на сервисирањето на овие авиони, соопштија од Владата.
Од друга страна, освен авионите на ДЗС, при гаснење пожари може да се вклучат и леталата на полицијата и на армијата.
Безбедносниот аналитичар Милан Стефаноски вели дека, според процедурата, ако пожарникарите со свои возила не можат да го изгаснат пожарот на одреден терен, се бара помош од Дирекцијата за заштита и спасување, која одлучува дали да се вклучат и противпожарните авиони и во меѓувреме контактира со сите државни институции што можат да помогнат во забрзување на процесот за гаснење на огнот.
– Авионите се само за непристапни места или доколку пожарот излезе од контрола и ситуацијата ескалира. Но оваа работа еднакво добро ја вршат и армиските транспортни хеликоптери „ми-14“, кои досега многупати им асистирале на цивилните власти за превенирање на кризните состојби – вели Стефаноски.
Тој потсетува дека државата пред повеќе од десет години набави три противпожарни авиони од американскиот производител „Ер трактор“, првите два авиони беа набавени во ноември 2009-та, а третиот пристигна во земјава во март 2010 година.
Стефаноски вели дека леталата имаат носивост од по три илјади литри вода во резервоарите и се максимално ефективни во намената, а истите тие ги поседуваат најголем дел од земјите-членки на Европската Унија.
Инаку, според статистиката на ДЗС, најмногу пожари биле регистрирани во 2012 година, кога во Македонија изгореле околу 19.312 хектари шума.