Премиерот Зоран Заев на маргините на Економскиот Форум Делфи во Атина, оствари средба со поранешниот британски премиер Тони Блер. На средбата беше истакнато дека Договорот од Преспа е големо достигнување, бидејќи донесе решение за двата народи, но и за целиот регион и за Европа.
Беше истакнато дека Договорот од Преспа отвори врати за напредокот и стави препрека на новите национализми, а решенијата од договорот денес значат и економски потенцијали.
Сѐ е до квалитетот на владите, а на малите земји им требаат глобални погледи за квалитетни решенија, заклучија Блер и Заев.
Посебен фокус во разговорот беше ставен на справувањето со глобалните предизвици кои ги наметна Ковид-19 пандемијата.
Заев и Блер се согласија дека вакцинацијата е едно од најдобрите глобални решенија на денешницата и дека нормализација во живеењето на граѓаните низ целиот свет е можна само преку масовна вакцинација.
Во тој контекст Заев и Блер разговараа за можностите за соработки и инвестиции со глобалната ИТ компанија „Оракл“ во делот на менаџирање со податоци при справувањето со Ковид-19, односно за ставањето во функција дигитални дата бази за регистрирање и верификација на граѓаните кои се вакцинирани со цел нивна побрза мобилност низ целиот свет.
Заев и Блер изразија задоволство од одличните билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство и изразија надеж дека во иднина пријателството ќе се продлабочи.