Ескалацијата на насилство помеѓу Израел и Палестина уследи по неколкунеделните судири и демонстрации во Ерусалим, а врз конфликтот влијаат низа фактори со што некои се стари повеќе децении, а други се актуелни, пишува „Вашингтон пост“.
Околу 300 Палестинци беа повредени во вчерашната полициска рација кај џамијата Ал Акса во Ерусалим, по што милитантите во појасот Газа истрелаа ракети кон Ерусалим првпат по девет години, а Израел одговори со воздушни напади во кои имаше барем 20 загинати според палестинските власти.
Ситуацијата во Ерусалим е тензична во пресрет на најавениот марш на Евреите кој е предвидено да помине низ палестинските предградија во рамки на израелскиот национален празник – Денот на Ерусалим. А во изминатите неколку недели израелските сили и Палестинците имаа судири поради израелските рестрикции за ноќните собири за време на рамазанскиот пост. Израелските власти исто така наредија пренасочување на маршот, по што организаторите го откажаа во знак на протест, но нагласија дека учесниците треба да се соберат пред Ѕидот на плачот.
Истовремено екстремистичкиот Хамас кој го контролира појасот Газа се закани дека ќе истрела ракети ако израелските доселеници не се повлечат од палестинското предградие во Источен Ерусалим, каде што арапските семејства се соочуваат со иселување по долгогодишните судски битки водени од израелските доселеници.
Изреалскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се бори за својот политички опстанок по изборите кои доведоа до неизвесна ситуација на израелската политичка сцена. Неговите критичари тврдат дека ескалацијата на тензиите се случила бидејќи премиерот бил преокупиран со други прашања, како што се обвинувањата за корупција и притисокот од опозицијата.
Развојот на настаните кај Палестинците ги поттикна стравувањата и фрустрациите во врска со нивните барања за суверенитет и права во Ерусалим. Хамас кој водеше три војни со Израел се соочува со притисоци во појасот Газа додека постои политички вакуум и во Палестина. А стравувањата за влошување на насилството го актуелизираат и прашањето дали Израел и Хамас повторно ќе војуваат, заклучува „Вашингтон пост“.