Средба Заев – Фон дер Лејен
Претседателот на Владата Зоран Заев во рамките на неговата посета на Брисел, оствари средба и со претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лејен.
На средбата, премиерот Заев упати порака до претседателката Фон дер Лејен за уште поактивно вклучување на ЕК во изнаоѓање решение за деблокада на процесот за почеток на преговорите на ЕУ со Македонија.
Премиерот Заев нагласи дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет наметнати како прашања од Бугарија воопшто не смее да бидат тема на разговорите и ангажманот на Брисел и дека Македонија единствено така ќе продолжи да разговара за нејзината европска иднина.
– Македонскиот идентитет освен што е прашање на гордост, тоа е и прашање на факти, наука, традиција и национално обележје на нашиот народ. Тој не е и нема да биде предмет на преговори. Европските вредности се водилка за нас, но заштита на идентитетот исто така е европска вредност – порача премиерот Заев.
Тој додаде дека Македонија ги спроведе сите реформи, дека нивната имплементација е предмет на неколку процеси за примена на европските стандарди дома и дека се исполнети сите критериуми на ЕУ за отворање на процесот за членство.
На средбата со премиерот Заев, претседателката на Европската Комисија потврди дека ЕК ќе вклучи уште повеќе со суштински и посветен ангажман бидејќи, како што рече таа, ова е многу важен процес кој не смее да го одложи стартот на преговорите со Македонија за членство во ЕУ, и дека таа се залага за двете земји, Македонија и Албанија, заедно да ги продолжат преговорите без натамошно одлагање.