Непал се соочува со смртоносен бран на епидемија на коронавирус, а ситуацијата е слична на онаа во Индија – надвор од контрола. Бројот на новозаболени вртоглаво се зголемува и има се’ помалку кревети и медицински кислород во болниците, предупредуваат непалските лекари.
Во областа Банаки, која се наоѓа долж границата со Индија, лекарите од болницата Бери посочуваат дека ситуацијата потсетува на „Индија во мало“, бидејќи вирусот се шири неконтролирано, пренесува лондонски Гардијан.
– Ситуацијата е безнадежна. Само во последните две недели од карантинот, дури 80 медицински работници на Клиниката Бери биле тестирани позитивни – рече раководителот на Клиниката, Радан Пандеј.
Министерот за здравство на Непал објави дека земјата е погодена од бран што донесе повеќе заразен и поубиствен вирус.
Непал денес воведе строги мерки за заштита од вирусот кои треба да бидат на сила 15 дена. Бизнисите и пазарите се затворени, а полицијата ги запира возачите и пешаците на пунктовите. Продавниците за храна имаат дозвола да работат само неколку часа, во текот на утрото, според АП.
Неколку десетици илјади луѓе го напуштија Катманду во изминатите два дена, со цел да избегнат нови мерки. Границите на Непал се затворени, освен за граѓаните на Индија, доколку имаат негативен тест за присуство на вирусот и резервација на хотел за десетдневен карантин.
Во Непал досега се потврдени 323.187 случаи на Ковид-19 и 3.279 смртни случаи меѓу заразените со коронавирус.