Додека вториот бран на коронавирус се шири низ Индија, мртви тела се собираат побрзо отколку што работниците можат да ги кремираат.
– Пред пандемијата кремиравме осум до десет лица на ден. Сега кремираме 100 до 120 – вели Џитендер Синг Шaнти, шеф на крематориумот Симапури во источен Њу Делхи.
Тие кремираат толку многу тела што морале да го прошират бизнисот на паркинг, каде десетици работници градат нови платформи за кремирање, пишува Си-ен-ен.
Има толку малку простор, а многу тела, па семејствата треба да земат ливче и да чекаат на ред.
Градоначалникот на Северен Делхи, Џај Пракаш, на почетокот на неделава му напиша писмо на премиерот на Делхи, Арвинд Кејривалу, во кое бара одделот за шумарство да обезбеди трајно снабдување со дрва.
Во меѓувреме, семејствата мораат да плаќаат за дрвата за спалување на телата на нивните блиски. Кремацијата се смета за важен дел од хинду погребните обреди поради верувањето дека телото мора да биде уништено за душата да премине во реинкарнација.
Барка Дат, колумнистка на „Вашингтон пост“, неделава го згубила својот татко поради коронавирусот.
– Кога го кремиравме, немаше место на теренот за кремирање. Имаше тепачка што изби помеѓу неколку семејства. Мораше да повикаме полиција за да го кремираат татко ми. Сепак, имав поголема среќа од повеќето Индијци – вели Дат.
Индија регистрирала околу 77 милиони случаи од крајот на февруари, во период на нагло зголемување на инфекциите во вториот бран на пандемијата, покажуваат статистиките на агенцијата „Ројтерс“.