Истражување на „Нова Македонија“ во соработка со еминентни историчари (2)

„Историја и цивилизација за 5. клас“ од авторите Валери Колев, Костадин Грозев, Румјана Михнева, Тодор Зарков, Иваило Караджинов, Раја Цветанова

Во 2016 година е објавен и друг историски учебник со идентичен наслов „Историја и цивилизација за 5. клас“, а негови автори се Валери Колев, Костадин Грозев, Румјана Михнева, Тодор Зарков, Иваило Караджинов, Раја Цветанова. Споменатиот учебник исто така се однесува на античкиот период. Во лекцијата „Империјата на Александар Велики“ за Античките Македонци се користи изразот „Македони“, со што се избегнува оригиналниот израз Македонци, кој се користи од античките извори.
Во поглавјето „Древна Тракија“ е приложената карта на Балканскиот Полуостров, каде што е претставено „Одриското Царство“, а Македонија е означена како „Древна Македонија“. Иако станува збор за истиот период, се сугерира дека едното царство е древно, а Македонија се третира како географска област што е населена од различни етнички народи.
Во лекцијата „Древна Тракија и Одриското Царство“ областа Тракија се дефинира на следниов начин: „Древна Тракија е историска област во Југоисточна Европа и западниот дел на Мала Азија. Таа ги опфаќаше териториите на денешните Бугарија и Македонија и граничните реони на соседните им држави“. Авторите на учебникот сугерираат дека источниот дел на Античка Македонија бил населен со тракиски племиња, меѓутоа тоа е само една од историските теории за етничката припадност на племињата што живееле во овој дел на Македонија во антиката. Мора да акцентираме дека според искажувањата на некои од светските историчари, во овој дел на Античка Македонија живееле Пајонците, кои биле сродни со Античките Пелаганци.

За овие племиња многумина истакнуваат дека потекнувале од Старите Бриги и биле една од компонентите во етногенезата на Античките Македонци. Авторите требало да ги посочат сите теории за племињата што живееле во источниот дел на Античка Македонија, во спротивно произлегува дека станува збор за конструкција што има за цел да ги заблуди бугарските ученици дека денешна Македонија уште од античкиот период е дел од бугарските земји, бидејќи Тракија е бугарска земја.
Во истата лекција исто така можеме да прочитаме дека во текот на првиот век од нашата ера, Тракија била освоена и била поделена на три римски провинции: Мизија, Тракија и Македонија. За волја на вистината, авторот на ова искажување или не ги познава историските извори или станува збор за историски фалсификат во вистинска смисла на зборот. Поверојатна е втората варијанта, ако земеме превид дека учебникот има цел да докаже дека Македонија уште од античкиот период била бугарска земја. Авторот или авторите го забораваат историскиот факт дека Античка Македонија била освоена од Римската Република во 168 година пред нашата ера, а римска провинција станала во 148 година пред нашата ера. Но авторите не водат сметка за историските факти туку се обидуваат со антиисториски тврдења да ги заблудат бугарските ученици дека Македонија отсекогаш била бугарска земја.

„Историја и цивилизација за 5. клас“ од авторите
Калин Порожанов, Александар Порталски, Катја Бенчева, Милена Менкова

Во издателство на „Архимед и Диоген“, во 2016 година е објавен уште еден учебник со идентичен наслов „Историја и цивилизација за 5. клас“, а како автори се среќаваат Калин Порожанов, Александар Порталски, Катја Бенчева, Милена Менкова. Во овој учебник повторно се прават антиисториски рокади, имено на стр. 22 и 23 се илустрирани карти на Бугарија во деветтиот век и Бугарија според Санстефанскиот мировен договор. Историските карти не се спорни, меѓутоа нивното место не е тука, затоа што станува збор за античкиот период. Како повторно да се има за цел да се доведат во заблуда бугарските учениците дека Македонија уште во антиката била бугарска земја.
Во лекцијата насловена „Империјата на Александар Велики“ има историска карта што е именувана како „Карта на освојувањата на Александар Велики“. На стр. 69 државата на македонскиот крал Александар Велики е именувана како „грчката држава“. Повторно станува збор или за непознавање на историските извори и литература, или за манипулација. Имено, во светската историска наука нема согласност за етничката припадност на Античките Македонци. Авторот или авторите искажуваат само една теорија, притоа, намерно или не, забораваат дека некои од светските научници не се согласуваат со споменатото искажување и констатираат дека Античките Македонци немаат хеленско потекло во согласност со некои од историските извори. Од професионална и етичка гледна точка, авторот или авторите требало да ги набројат сите теории, вклучувајќи ја и бригиската теорија.

„Историја и цивилизација за 5. клас“ од авторите Георги Јакимов и Александар Иванчев

Георги Јакимов и Александар Иванчев во 2016 година објавија учебник со идентичен наслов „Историја и цивилизација за 5. клас“. Повторно во делот што се однесува на антиката и Древна Тракија се искажува само едно видување, без да се води сметка за полемиките што се водат во историската наука. Имено, во лекцијата „Светот на Древните Тракијци“ на стр. 92 се вели дека тракиските племиња на запад ги населувале „земјите до реките Струма, Вардар и Морава“. Мораме пак да повториме дека меѓу експертите што ја проучуваат оваа проблематика не постои согласност за територијата што ја населувале тракиските племиња. Според една теорија, по течението на Вардар живееле Пајонците.

„Историја и цивилизација за 5. клас“ од авторите Екатерина Михајлова, Маргарита Димова, Иво Чолаков, Георги Иванов

Во издателство на „Просвета плус“, во 2016 година е објавен и учебник со идентичен наслов „Историја и цивилизација за 5. клас“, а негови автори се Екатерина Михајлова, Маргарита Димова, Иво Чолаков и Георги Иванов. Повторно можеме да сретнеме манипулација со историските факти. Имено, во „Империјата на Александар Велики“ на истоимената карта на стр. 83 не е вклучена територијата на Република Македонија, како и другите области на север и на запад од неа. Иако има полемики за етничката припадност за Пајонците што ја населувале територијата на денешната македонска држава, меѓутоа непобитна е вистината дека споменатата територија уште во времето на македонскиот крал Филип Втори е составен дел од античкото македонско кралство. Впрочем, Пајонците учествуваат во источниот поход на Александар Велики. По сѐ изгледа авторите не водат сметка за историската вистина.


Новинарско истражување: Шовинизмот и иредентизмот во бугарските учебници

Кога образованието, особено во делот од историјата, во историските учебници и читанки од основното образование, излегува од рамките на фактите од историографијата, скршнувајќи од љубовта кон нацијата и татковината, и се преобразува во етнонационализам и иредентизам со кои се негираат националните особености на припадниците на другите нации, историјата, идентитетот, културата, и има отворени територијални претензии кон други држави, тогаш образованиот процес можеме да го определиме како негативен, бидејќи создава и всадува чувство на непријателство и одбивност.
Токму такви елементи се пронајдени во дел од бугарските учебници, со констатации што се многу далеку од историските вистини, а многу блиску до пропаганда, хегемонизам и идеологија на екстремен национализам со кои се задојуваат младите генерации во Бугарија.
„Нова Македонија“ во консултација со група историчари ги проучуваше и анализираше историските учебници што се користат во наставниот процес во Бугарија. Во текот на анализата беа констатирани низа недоследности што поттикнуваат бугарски етнонационализам и иредентизам, особено видливи кон Македонија и македонскиот народ. Нашата анализа има цел реално да ја согледа и констатира фактичката состојба во дел од учебниците по историја на младите основци во Бугарија, да поттикне предметна експертска расправа за забележените недоследности и, се разбира, на пошироката јавност да ѝ бидат претставени само вистината и само фактите за историските настани и личности.

(продолжува)