Магдебург, Левен, Фуксе Берлин и Висла се во полуфиналето на ЛЕ. Ова ќе биде седми пат три германски клуба да се меѓу четирите најдобри во една сезона во ова натпреварување
РАКОМЕТ – ЛИГА НА ЕВРОПА
Магдебург, Левен и Фуксе Берлин и годинава ја потврдија доминацијата на германските тимови во Лигата на Европа, до неодамна Куп на Европската ракометна федерација (ЕХФ). Тие се пласираа на фајналфор-турнирот, на кој ќе игра и полската Висла. Сите четири тима беа првопласирани по групната фаза во првиот дел од сезоната на ова натпреварување. Во четвртфиналните дуели германските претставници ги победија шведски Кристијанстад, рускиот Чеховски медведи и француски Монпелје, а Висла со победа над дански ГОГ си обезбеди место на фајналфор-турнирот.
Во 38-те сезони во Купот на ЕХФ, германски тимови 24 пати го кренале шампионскиот пехар, од тоа 18 во претходните 20 сезони. Барселона во 2003 и Сегед во 2014 година ја прекинале низата на клубовите од Германија, во второто по ранг европско клупско натпреварување. Ова ќе биде седми пат три германски клуба да играат во завршницата на овој куп (претходно во 2004, 2005, 2010, 2011, 2016 и во 2017 година).
Магдебург има три трофеја во ЛЕ (1998, 2000 и 2006), во 2004 бил вицепрвак, во 2016 и 2017 година ја освоил на третата позиција, а во 2011 бил четвртопласиран. Втор според бројот на трофеи и учества во завршниците е Фуксе Берлин, кој шест пати бил во полуфиналето, има два пехара (2014 и 2017), а по двапати бил второпласиран (2018 и 2016) и третопласиран (1982 и 2013). Левен, пак, досега само еднаш бил дел од завршницата во овој куп, и тоа во 2011 кога ја освоил третата позиција. Полскиот вицепрвак, Висла, досега не играл во завршниците на овој Куп.
Фајналфор-турнирот во ЛЕ треба да се игра во Мајнхајм на 22 и на 23 мај. Ждрепката на полуфиналните двојки е закажана за вторник во Виена.