Како несоодветно, неодговорно и непотребно во дипломатски размери (иако навистина неформално, преку Твитер), експертите го оценуваат заземањето страна на македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, во актуелната заострена геополитичка активност со манифестација на моќ меѓу големите сили, САД и Русија. Според аналитичарите, „заземената страна на нашата земја и без тоа, секако, се препознава и подразбира“, додека нашето активно инволвирање во односите меѓу САД и Русија, аналитичарите го искоментираа со древната изрека дека во борбата на слоновите, тревата е таа што ќе настрада
Македонија активно се приклучува на ескалацијата на актуелните американско-руски односи?
Во март минатата година, на Македонија истовремено ѝ се случија две големи нови нешта. Првото е официјалното влегување како 30-та членка во НАТО, а второто, за жал, беше соочувањето со предизвикот на светската пандемија на ковид-19. За пандемијата, на почетокот бевме еднакво изненадени и принудени на импровизации со мерките за заштита, речиси како и целиот свет. Таквата пандемиска шок-состојба како да не им дозволи на македонските власти доволно да ги почувствуваат и да ги промовираат придобивките и важноста на долгопосакуваното и мачно стекнато членство во Северноатлантската алијанса.
На некој начин, тој ограничувачки момент како да создаде и одредена фрустрација кај македонската политичката елита, особено во ситуација кога требаше да се донесе одлука што би добило приоритет: дали докажувањето на лојалноста кон НАТО (со чинот на неземањето на „источните“ вакцини) или, пак, приоритет и покрај сѐ ќе биде здравјето на граѓаните и прифаќањето конкретна медицинска помош (од земјите што не се во НАТО) со вакцините „Спутник“ или „Синофарм“?
Фрустрирачка реакција, пак, во македонската јавност создаде изборот да ѝ се даде приоритет на НАТО-лојалноста што стана јасно од изјавите на премиерот и на министрите во Владата, односно дека во изборот меѓу лојалноста спрема воениот сојузот и здравјето на граѓаните, беше избрана Алијансата.
Една година подоцна
Денес, влегувајќи во втората половина на април 2021 година, фактичката состојба во борбата со пандемијата е дека државите во светот бараат секакви начини да добијат вакцина повеќе, а неколку земји (меѓу кои и соседна Србија) грабаат кон стекнување колективен вештачки имунитет…, додека процените на релевантни светски агенции се дека Македонија со сегашното темпо на имунизација – ќе стекне колективен имунитет за 10 години. Во однос на билансите на заболени и починати од коронавирусот во изминатава година во Македонија, секое политичко докажување лојалност кон одредени сојузи и заземање страна во геополитичкото одмерување на моќта на големите сили, личи на еквилибризам и наедно жонглирање со националниот интерес за здравствената заштита и животот на македонските граѓани.
Како несоодветно, неодговорно и непотребно во дипломатски размери (иако навистина неформално, преку Твитер), беше оценето заземањето страна на македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, во актуелната заострена геополитичка активност со манифестација на моќ меѓу големите сили, САД и Русија. „Самоиницијативната“ поддршка на министерот Османи, на големиот сојузник во НАТО, се цени како незабележан и непобаран гест од САД, но забележан од страна на Русија. На твитот на Османи, соодветно преку Твитер, реагираше и Амбасадата на Руската Федерација во Македонија, секако, искажано со дипломатски речник, но со препознатлива порака.
– За македонската дипломатија е најпрепорачливо да се воздржува од коментирање отворени конфликти од геополитички размери, во кои се вклучени големите сили, а имаат компликувана заднина во нивните меѓусебни односи. Притоа, се толку далечни за македонските национални интереси, односно поддршката на македонската дипломатија не може никако да влијае во нивното решавање, но секакво вмешување може да се одрази на билатералните односи со засегнатите страни во големиот конфликт. Доколку, за односниот случај било побарано изјаснување од сојузниците во НАТО, Македонија таму има свој амбасадор што ќе ги пренесе официјалните македонски позиции. Нема потреба од дополнително изнесување ставови на претставници од македонската влада, дури ниту преку неформална комуникација, како што сѐ уште се сметаат социјалните мрежи. Всушност, особено треба да се биде внимателен во изјавите во време на твитер-комуникација, која можеби нема официјален карактер, но може да има долгорочни и одложени (непотребни) реперкусии – вели поранешниот македонски амбасадор Љупчо Арсовски.
Поголема сериозност во градењето на надворешнополитичките односи
Долгогодишниот новинар и своевремено дописник од Москва, Мирче Адамчевски, упатен познавач на македонско-руските односи и на начинот на дејствување на руската политика на глобален план, во својата анализа на актуелната ситуација оценува дека македонската политика за време на пандемијата, но и други (гео)политички предизвици изминатава година, најблаго кажано, искажува несериозност во градењето на односите со Русија.
– Мешање на Македонија, односно министерот за надворешни работи на С Македонија во спорот на САД со Русија?! Некои членки на ЕУ, претежно поранешни членки на Варшавскиот пакт не дочекаа САД да ги донесат санкциите и истиот ден или дадоа изјави или протераа, а и протеруваат руски дипломати. Наводно за нарушување на безбедноста на САД. Демек рускиот сајбер-напад влијаел и врз безбедноста на ЕУ! Погоре го цитирав Јан Бремер за тој сајбер-напад. Нашиот Османи, да не биде покус од другите, иако не сме членка на ЕУ, на неговиот Твитер напиша дека и Македонија се приклучува кон санкциите за Русија, солидаризирајќи се со санкциите на САД. Да не се подготвува и протерување на некој руски дипломат? Не е виновен тој – смета Адамчевски.
Тој не пропушта да потсети кога станува збор за вакцините дека официјално Скопје не сакаше да помисли да земе руски вакцини, со образложение: „Ние сме ЕУ и НАТО“. Но кратко време потоа, повторно да ретерираме и да побараме руски вакцини. Адамчевски потсетува дека министерот Османи добил соодветен одговор од руската амбасада, но и дека ова не е прв одговор од руската амбасада.
– За неполн месец ова е втора реакција на Русија кон Македонија. На почетокот на април руското МНР реагираше на приклучувањето на Македонија и Црна Гора кон санкциите од ЕУ кон Русија за „случајот со Навални“. Портпаролката Марија Захарова ги обвини за русофопство и механичко поддржување чекори во чија разработка тие не учествувале – пишува Адамчевски во својата анализа.
Кој ја инволвира Македонија при ескалација на американско-руските односи
Категорична е реакцијата и на претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, на своевидното инволвирање и на Македонија во ескалацијата на американско-руските односи, нагласувајќи дека какво било заземање страна не е во согласност со интересите на Македонија за мир во светот и за свет без војна.
– Светскиот македонски конгрес (СМК) ја отфрла изјавата на министерот за надворешни работи на Македонија, Бујар Османи, дека „Македонија во целост ги поддржува и се солидаризира со санкциите на САД, како одговор на руските дестабилизирачки акции против САД и нејзините сојузници“. СМК бара министерот за надворешни работи и Владата да бидат воздржани во односите меѓу САД и Руската Федерација. Македонија не смее да се инволвира во ескалација на американско-руските односи, ниту да се солидаризира со санкциите на САД кон Москва или санкциите на Руската Федерација кон Вашингтон, бидејќи тоа не се интереси на Македонија за мир во светот и свет без војна! СМК смета дека Македонија треба да поттикнува нормализација на односите меѓу САД и Руската Федерација и детант меѓу Москва и Вашингтон! Македонците отфрлаат територијата на државата Македонија да биде платформа за можни воени дејства меѓу САД и Руската Федерација! – стои во реакцијата на СМК.